Судење за „Пулс“: Од ДЗС ги контролирале хотелите, а дискотеките не
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжи со изведување на материјални докази за повеќегодишните планови и документи на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) кои, според обвинението, покажуваат сериозни пропусти во планирањето и спроведувањето на инспекциските контроли на објекти со зголемен ризик од пожар.
Обвинителката презентираше документи од 2016 година, кои се однесуваат на годишните планови за надзор на објекти на територијата на државата. За општина Кочани не бил предвиден ниту бил спроведен надзор на објекти што би можеле да претставуваат ризик.
За 2015 година наведе дека бил извршен само еден инспекциски надзор во Кочани, и тоа во објект кој не бил оценет како ризичен од аспект на противпожарната заштита. Според обвинението, ризичните објекти воопшто не биле предмет на контрола за да се утврди нивото на загрозеност.
Судот потоа разгледуваше документација од 2014, 2013 и 2012 година. Од тие материјали, според Обвинителството, произлегува дека ДЗС не воспоставила јасни критериуми за проценка на загрозеноста на објектите од други видови несреќи и опасности. Во плановите и барањата за надзор биле опфатени хотели, мотели и други угостителски објекти, но не и дискотеки и кабаре-клубови, иако токму таквите објекти собираат голем број посетители и претставуваат потенцијален ризик во случај на пожар.
На објавените документи кои опфаќаа планови за контрола, реагираше обвинетиот Шабан Салиу, поранешен директор на ДЗС кој тврдеше дека иако на нив фигурира негов потпис, ракописот не бил негов.
По ова, на паузата од рочиштето, следуваше реакција и од семејствата на настраданите во пожарот. Тие оценија дека суштината на случајот е како институцијата функционирала и дали навремено ги спроведувала своите законски обврски. Според нив, ако документите биле усвоени, архивирани и врз основа на нив се постапувало со години, тогаш прашањето за потписот отвора уште посериозни дилеми за начинот на работа во институцијата.
„Прашањето во судницата не беше кој ја водел институцијата и што се правело со години , туку кој го држел пенкалото , иако тие документи биле усвоени и архивирани и по нив институцијата работела. Тогаш работите не стануваат помалку сериозни туку повеќе, затоа што ако навистина некој потпишувал место директор, тогаш во институцијата можело некој да става туѓ потпис, да поминуваат планови и извештаи. Ако било така, тогаш се поставува прашањето каде била контролата во ДЗС“, изјави Александар Наунов , претседател на Здружението „16 Март“.
Во пожарот лани на 16 март загинаа 63 луѓе, а повредени беа околу 200.