СУДЕЊЕ ЗА ОНКОЛОГИЈА: Директорот ја носел конечната одлука за терапија
Д-р Даниела Попоска, онколог и радиотерапевт која долги години работела на Клиниката за онкологија денеска во судот даде објаснување за комбинирањето на лекови. Таа истакна дека лекот палбоциклит не се дава заедно со хемотерапија или бевацизумаб, туку се комбинира со хормонска терапија како анастерзол или фулвестранд, но не и со мегаце.
Таа додаде дека во периодот кога работела, секој лекар давал предлог за терапија, но конечната одлука ја носел директорот, а конзилиум за таргет терапија немало.
„Во периодот за кој што ме прашувате, секој лекар специјалист пишува предлог за терапија вклучително биолошката и имуно терапијата, но потоа историите на пациентите одеа на одобрување и потпис кај директорот“, рече таа.
Д-р Зоран Атанасов сведочеше дека одлуките за таргет терапија прво се носеле со параф на директорот, а подоцна е воведен стручен колегиум со раководители на оддели за да се одлучува која терапија ќе се прима.
Кажа дека протоколите за дозирање се менуваат со напредокот на науката, а секоја терапија мора да биде поткрепена со медицински анализи.Обвинети за „несовесно лекување“ и „тешки дела против здравјето на луѓето“ се поранешниот директор Никола Васев, како и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Второобвинетата Мери Пешевска веќе призна вина и беше осудена на две години условна затворска казна.
