Економија, финансии, бизнис

Контакт

Студот и снегот ќе зададат удар на пчеларството – на повидок уште една лоша година

Студот и снегот ќе зададат удар на пчеларството – на повидок уште една лоша година

Иако календарски започна пролет, надвор имаме ниски температури, студ и снег како да е зима.

Овие неповолни временски услови ќе ги погодат пчелите, со што се наговестува уште една лоша година за пчеларите. Поради студеното време дел од пчелните семејства може да угинат, а дел едвај ќе преживеат и ќе дадат помал принос на мед. Пчеларите очекуваат уште една катастрофална година.

„Оваа доцна зима создава проблеми за нас пчеларите. Ќе има намалување на леглата, тие не можат внатре да ја одржат температурата. На оние пчелни семејства кои се силни студот не им може ништо, но за другите ќе има штети. Потоа може да се јават болести, габи. Сега таман почна да цути сливата, а доколку дојде до измрзнување на овошните дрвца, тоа ќе биде многу лошо и пчелите ќе бидат оставени на цутењето на багремот. Лани имавме лоша година, и оваа ќе биде за жал исто така лоша. Климатските промени си го земаат данокот“, вели Владимир Петровски, претседател на Здружението на пчелари „Полошки мед“.

Тој објаснува дека во полошко расте бројот на пчелари аматери, кои имаат помал број на пчелни семејства, додека оние кои професионално се занимаваат со пчеларство и поседуваат од  400 до 500 пчелни семејства, сѐ се помалку затоа што од година во година пчеларството станува  сѐ понерентабилно.

Часлав Ристовски, пчелар од Куманово вели дека во месец март доаѓа до смена на генерации кај пчелите. Додава дека на удар ќе бидат слабите пчелни семејства и оние кои немаат храна.

„Пчеларите можеа да интервенираат, но пред овие студови со поставување на медни погачи за да пчелите имаат храна. Доколку немаат храна ќе угинат. Во Русија е правен експеримент со ставање на пчелите во комора на ниски температури и оние кои имале храна преживеале. Ниските температури ќе ја попречат комуникацијата на пчелите со природата, а тоа ќе влијае на нивното собирање на полен и нектар“, додава Ристовски.

Студот е неповолен и за овошните насади. Дали ќе има поголеми штети кај овошките, ќе зависи од разведрувањето и колку време ќе се задржат минусните температури. Овошките издржуваат до минус два степени.

Сања Атанасовска

foto freepik

Слично

Поврзани вести