Економија, финансии, бизнис

Контакт

СТУДИРААТ ИЛИ РАБОТАТ ВО ЕДНА ОПШТИНА, А СЕ ГЛАСАЧИ ВО ДРУГА: Дали младите се мотивирани да отидат дома за да гласаат?

СТУДИРААТ ИЛИ РАБОТАТ ВО ЕДНА ОПШТИНА, А СЕ ГЛАСАЧИ ВО ДРУГА: Дали младите се мотивирани да отидат дома за да гласаат?

Младите кои студираат или работат во друга општина, се со поделени мислења за тоа дали на денот на изборите треба да заминат дома и да го искористат гласачкото право. Некои тоа го прават, а другите велат дека не се задоволни, не се мотивирани и не сакаат да излезат на гласачките места. Постои доза на песимизам и не веруваат дека со својот глас ќе придонесат за некои поголеми промени.

„Сум студирала во Штип, и ако ми било во план да си одам, си одев дома, а специјално за гласање не. Сум имала испити и тоа ми било приоритет, а не гласањето. Сега да сум во друг град, ако имам други планови, не би дошла дома само за гласање. Немам некоја посебна причина, ако сум блиску гласам, ама дека ми е битно, не ми е“, вели Ангела Ј.  од источна Македонија.

Друга девојка е со сосема поинакво мислење и вели дека гласачкото право треба да се искористи. За неа не е проблем од Скопје да отпатува дома во Струмица и да гласа.

„Живеам во Скопје, а сум гласач во Струмица. Се вратив за гласање во општината, и онака за викенд си одам дома. Едноставно сметам дека тоа е граѓанска должност и реално не е многу далеку, ниту чини многу пари за да отидам, а секако ќе се видам со моите. Сакам да бидам активна и да учествувам на избори. Треба секој да си ја исполни граѓанската обврска и да се појави на избори. Така планирам и во иднина да постапувам. Има и млади што се апатични, што живеат во истата општина каде се гласачи и не се појавуваат да гласаат, но зошто е тоа така, треба самите да си кажат“, вели студентка од Струмица.

Одѕивот на изборите за градоначалници и советници, според податоците на Државната изборна комисија(ДИК), за првпат нема да надмине 50 проценти во првиот круг. Излезноста во првиот круг на осмите локални избори, од независноста на земјава досега, што се одржаа завчера, не е на некое завидно ниво.

„Сега живеам во Битола, а сум гласач во друга општина. Тешко дека само за гласање ќе отидам дома, не сум мотивирана“, вели Сања З.

Постојат и неколку општини каде во прашање е доведен цензусот. Поради недоволен цензус, повторување на првиот круг ќе има во Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.

„Зависи од моментот. Јас знам студенти што си отидоа дома за да гласаат и се вратија. Отидоа во Струмица и се вратија. Различно е, индивидуално е. Се чувствуваше за викендот дека е попразно во градот. Веројатно студентите заминале дома за да гласаат“, вели штипјанка.

Меѓу општините со најголема излезност се Дојран со 72,88 отсто, Лозово 71,98 отсто, Росоман 71,75 отсто. Вториот круг од изборите е закажан за 2 ноември 2025 година. Во минатото имало случаеви кога гласачи и од дијаспората доаѓале за да гласаат во земјава. Најголема излезност во првиот круг на изборите за градоначалници во земјава имало на Локалните во 2013 година– 67 отсто, по што е во постојан пад, на 60 отсто на Локалните избори во 2017 и 50,57 отсто  на Локалните избори во 2021 година. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести