СТУДЕНТИТЕ, СЕПАК, ЌЕ СЕ ОПАРАТ - еве за колку се зголемува субвенционираниот оброк
По неколку недели неизвесност од стартот на академската 2022/2023 година, студентите ќе го дочекаат конкурсот за субвенциониран оброк, пишува порталот Факултети.мк..
Според последните информации, субвенционираниот студентски оброк студентите ќе го добијат во втората половина на ноември, откако следната недела ќе бидат изгласани законските измени на Законот за субвенциониран оброк.
Изготвувањето на предлог-законот со кој требаше да се продолжи исплатата на оброк за годинава заврши пред два месеца, но дури сега доби разврска во Собранието.
Измените на Законот ја поминаа Комисијата за образование и веќе се испратени до претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој треба да го стави на дневен ред.
Се најавуваат и измени во делот на висината на субвенцијата, која сега изнесува 120 денари, односно зголемување на 140 денари.
Лани право на субвенциониран оброк имаа сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државните и приватните универзитети. За да добијат оброк, студентите треба да не се во редовен работен однос, да не извршуваат дејност регистриран земјоделец и да немаат месечни приходи повисоки од минималната плата.
Откако ќе се усвојат измените на Законот за субвенциониран оброк, МОН веднаш ќе го објави конкурсот на кој ќе можат да аплицираат студентите.
