„СТУДЕНТИТЕ СЕ ВО ПРАВО“: Доктор Беќаровски ги поддржа нивните барања по вчерашниот протест
Доктор Нико Беќаровски со реакција на социјалните мрежи се осврна на вчерашните студентски протести поврзани со барањата за измени во полагањето на правосудниот испит.
Во својот став, тој истакна поддршка за студентите, но и испрати порака за начинот на кој се манифестира протестот.
- Студентите се секогаш во право – напиша Беќаровски.
Тој посочи дека дел од студентите кои студираат на македонските факултети, финансирани од државниот буџет, протестирале со развеани американски и албански знамиња, барајќи промени во правилата за полагање на правосудниот испит.
- Како професор морам секогаш да ги поддржам нашите идни академски граѓани и да апелирам до надлежните да се исполнат нивните желби кои беа јасно манифестирани со развеаните знамиња и да се применат сите норми, вклучувајќи ги и јазичните, по кои полагаат дипломираните правници во САД и Албанија – наведува тој.
Во објавата, Беќаровски дополнува дека во САД голем број граѓани имаат шпански како мајчин јазик.
- На повеќе од 65 милиони американски државјани мајчин јазик им е шпанскиот, вклучувајќи го и Марко Рубио – посочува тој.
Воедно, испраќа и порака за улогата на официјалниот јазик во државата.
- Официјалниот јазик во секоја држава е средство за меѓусебна комуникација, кое ги сплотува сите нејзини граѓани без оглед на етничкото потекло – стои во неговиот став.
