СТУДЕНТИТЕ БАРААТ: Организација која нема да биде џоистик на власта!
Од исклучителна важност е студентската
организација да биде тело во склоп на факултетите, во склоп на универзитетот,
со што ќе се зголеми одговорноста на самата студентска
претставничка организација, како во однос на нејзиното работење, така особено
во финансиската одговорност.

„Постоечкиот Закон за високо образование е оскуден во својата содржина, која што студентското организирање го регулира со само еден член, без притоа да даде насоки за начинот на организирање на студентското тело. Тоа придонесе, студентските парламенти на универзитетите да бидат регистрирани како невладини организации, што пак доведе истите да бидат извор на корупција, нелегално работење, нелегитимност на студентските претставници, како и низа проблеми кои што произлегуваат од таквиот начин на регулација. Она што како студентски пленум го предлагаме е новиот закон да содржи доволно одредби, кои што ќе содржат гаранција од можни злоупотреби на студентската организација” - вели за Фактор, Ѓорѓи Рајчиновски од Студентскиот пленум.
“Она што е најважно за предлогот на Студентскиот пленум е тоа што ја води студентската организација кон потполно децентрализирање на моќта, односно наместо досегашниот модел на централизирање на моќта на претседателите во студентските парламенти, моќта се враќа кај студентот, со што непосредно избира претставници кои што од своите редови одбираат претседател на студентското собрание”- потенцира Рајчиноски.
Студентските собранија на факултетите со новото законско решение треба имаат должност да поднесуваат годишни финансиски извештаи до факултетите, што ќе бидат составен дел на завршната сметка на самиот факултет. Дополнително мандатите на студентите-претставници да бидат една година, со што деканите ќе бидат должни да распишат студентски избори, секоја година во периодот од 01. октомври до 01. ноември.
“За жал, студентскиот парламент и оваа академска година останува организацијата која што ќе ги ужива привилегиите на ексклузивен претставник на студентите. Од она што досега го имаме како информација, студентскиот парламент досега нема побарано никаква средба со Министерството за образование и наука, ниту пак доставиле предлог во однос на новото законско решение, така што тие de facto самите се исклучуваат од процесот”- додава Рајчиноски.
Студентите очекуваат преку дијалог со Министерството за образование и наука и на заедничка маса со сите чинители да се изнајде позитивно законско решение кое ќе го регулира во поголем сегмент студентското организирање. Она што засега во работната група за новиот закон беше прифатено со консензус, беше квалитетот на високото образование, како највисока вредност. Од студентска гледна точка, според Рајчиноски најзначајна е промената во студентската организација како и студентскиот правобранител но и заложбата за квалитетни студии, борба за автономија на универзитетот, како и редефинирање на финансирањето на високото образование.
“По доаѓањето на новата гарнитура во МОН, се создаде нова работна група која ја сочинуваа претставници на сите државни универзитети, на дел од приватните универзитети, студентскиот пленум, професорскиот пленум, синдикати во образованието, со што сите субјекти во процесот истапија со свои барања во однос на новото законско решение. Процесот веќе е започнат, па чекаме сигнал од МОН да продолжиме со работа на новиот закон”- нагласува Рајчиноски.
Студентите порачува тој сакаат промени во студентската организација која ќе ги претставува студентите, која нема да биде корумпирана, која нема да биде тастер во рацете на власта, која ќе биде одговорна и транспарентна и која ќе работи исклучиво во интерес на студентите.
С.Б.