СТУДЕНО, ПА ЗАТОПЛУВАЊЕ, ПА СНЕГ: Временски ролеркостер во деновите што доаѓаат
Метеорологот Владо Спиридонов, објави метео прогноза за деновите што доаѓаат.
„Според метеограмот за Скопје, во периодот од 29 декември до 2 јануари се очекува претежно ведро и тивко време, со повремен засилен ветер, ниски дневни и минусни утрински температури, особено на 1 јануари 2026 година.
Потоа следи период на затоплување, при што од 4 до 6 јануари дневните температури ќе надминат 10 °C. Во овој период не се исклучува појава на слаби врнежи од дожд, кои ќе бидат поизразени околу Божик, кога се очекува промена на временската состојба, проследена со заладување и засилен северозападен ветер.
Во периодот од 8 до 13 јануари, нашата земја ќе се најде под северно атмосферско влијание, со почести влажни процеси и температури во интервал од 0 до 2 °C, при што ќе се зголеми веројатноста за долго посакуваните врнежи од снег.
Напомена: Метеограмот се ажурира на дневна основа со најнови податоци од МЛ-моделот AIFS. Забележлива е одредена варијабилност на временската слика, што укажува на динамични атмосферски процеси и можни промени во прогнозата.
