Студени утра, топли денови: Погледнете ја прогнозата за следните денови
Под влијание на висок воздушен притисок, времето во Македонија во текот на новата седмица ќе биде стабилно и релативно топло за овој период од годината. Претпладне и во вечерните часови по одделни котлини се очекува појава на магла, каде температурата ќе остане пониска.
Денеска времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а во северозападните региони ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, додека во котлините маглата ќе го ограничи видикот. Во Скопје претпладне се очекува магла во делови од котлината, а преку денот ќе биде променливо облачно со сончеви периоди.
Утре минималните температури ќе се движат од 0°C до 8°C, а максималните од 8°C до 15°C. Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, со магла претпладне во некои котлини. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, а долж Повардарието локално може да засилува.
Во среда и четврток времето ќе остане стабилно, сончево со мала до умерена облачност, а претпладне во делови од котлините маглата повторно ќе се појави. Минималните температури ќе се движат од -3°C до 7°C, а максималните од 9°C до 17°C.
