СТУДЕН БРАН: Заштитете се, посебно да внимаваат трудниците и старите луѓе
Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство по добиената најава од Управата за хидрометеоролошки работи за студен бран од портокалова фаза на ниво на целата држава, за утре донесе препораки.
Се препорачува да се избегнува практикување физичка активност на отворено, а при движење особено да се внимава на лизгави површини. На целото население се препорачува особено внимание да се посвети на заштита на здравјето, особено носење топла повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз, почеста консумација на топли напитоци и редовно земање терапија кај хронично болните лица.
Се налага да се ослободат од работни обврски бремените жени и лицата над 60-годишна возраст и за работниците коишто работат на отворено се препорачува реорганизација на работното време од 10 до 16 часот, со повремени паузи на секои два часа по половина час во топла просторија и со топли напитоци, со цел заштита на нивното здравје.
Во случај на настинка и потешкотии на дишењето, граѓаните веднаш да се јават кај својот матичен лекар. Комисијата при Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата низ целата држава и јавноста соодветно ќе биде информирана.
Пред нас е ноќ која дефинитивно ќе биде најстудената оваа зима.
Утрешното утро ќе биде најстуденото оваа зима кога овој поларен бран ќе го достигне својот максимум па така минималните температури на воздухот ќе се спуштат во интервалот од -18 до -8 степени додека на високите планини температурите на воздухот можно е да се спуштат дури и под -20 степени.
