Стрезовски: Самсоненко беше одличен менаџер, Вардар со него има иднина
Клубот Вардар има светла иднина и покрај предизвиците со кои се соочува. Ракометните експерти за Фактор велат дека следните сезони ќе докажат дека станува збор за одржлив клуб, па и со актуелното раководство. Клубот беше соочен со финансиски проблеми, ракометарите и сиот персонал не земале плата неколку месеци. Гино Стрезовски, професор по ракомет на Факултетот за физичка култура и поранешен ракометен селектор, вели дека актуелното раководство покажало добар менаџмент и очекува тимот во следниот период да се консолидира и да се стабилизира.
„Пропаднале и некои познати светски клубови како на пример Алетико Мадрид и ќе пропаѓаат и во иднина. Клубовите ги раководат бизнисмени и тоа се случува. Сепак сметам дека Вардар нема да има таква судбина, напротив клубот ќе се одржува. Можеби следната година на пример, нема да се повтори овој успех, а можеби ќе сме сведоци на навистина успешни следни сезони. Тоа зависи од многу фактори, но извесно е дека ова раководство покажа добар менаџмент. Што точно се случувало и се случува внатре, јавноста не ги знае деталите, но и досегашните залагања на Сергеј Самсоненко се огромни за овој клуб. Човекот направи многу за клубот и го водеше одлично, вели Стрезовски.
На прашањето како Македонија да одржи еден ваков клуб, Стрезовски вели дека државата може малку да стори, речиси ич. Клубовите, смета, се бизниси кои им припаѓаат на сопствениците, на менаџерите.
„Ова се клупски приказни, приватни бизниси. Но радоста е голема и Македонија треба да биде горда. Порано или во мое време беше незамисливо за наш тим да играат Германци, Данци, сега има играчи од цела Европа. Треба да сме горди на овој клуб и да се обидеме да негуваме вакви практики, вели Стрезовски.
