Страв од можен притисок на ВМРО-ДПМНЕ да му се одземе пратеник
Повеќе провладини поддржувачи веќе ја шират теоријата дека во Државната изборна комисија се врши голем притисок при пребројувањето на сите гласови со цел на ВМРО-ДПМНЕ кој победи да му се одземе пратеник или два со што и официјално би бил целосен победник на изборите во однос на СДСМ.

Хаотична ситуација владее во Државната изборна комисија (ДИК) откако оваа институција се уште ги нема соопштено конечните резултати од предвремените парламентарни избори и распоредот на пратенички мандати.

Сосема невообичаено е што ДИК ги надмина сите рокови за пресметка на мандатите и натаму нема никаков официјален став за бројот на мандатите. Оваа теорија на заговор во која се вмешани и странските дипломати веќе се шири на провладините медиуми. Од друга страна Влатко Ѓорчев само ја подгреа атмосферата со тоа што го обвини Чичаковски, претседателот на ДИК, дека си отишол дома да спие, а резултати се уште не се објавуваат со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ја осигура победата.

Претходно протече и информации дека извештаите кои општинските изборни комисии ги доставиле не се согласуваат со електронските записи на ДИК, па не се знае на која страна може да превладаат гласовите за конечната распределба на мандати, ќе биде ли нерешено или ВМРО-ДПМНЕ ќе избие со еден или двајца пратеници повеќе.
Сите дилеми ќе се разјаснат во 19 часот кога ДИК ќе одржи официјална прес конференција, но и потоа ќе има простор за приговори за нерегуларности и можно пребројување или поништување на гласови.
Автор: Христијан Станоевиќ
