Економија, финансии, бизнис

Контакт

Страв и ужас! Што остана по огнената стихија во Поречието?

Страв и ужас! Што остана по огнената стихија во Поречието?

Планински врвови од над илјада метри,  шуми, зелени долини и пасишта, карпести предели, чист воздух, прекрасна флора, богата фауна- вака накусо секој случаен и намерен патник го опишуваше еден од најубавите краеви во македонија- Порече.

И сетоа ова  би било одличен  вовед во една идилична приказна, но од друга страна е причина повеќе за размислување кој и зошто дозволи неповратно да се изгуби  оваа убавина. По огнената стихија која беснееше повеќе од еден месец во околината  на Македонски брод останаа апокалиптични слики.

Поречието некогаш важеше за воздушна бања  со неповторлива природа, регион кој изобилува со археолошки наоди, цркви и манастири, планини и изобилство на водни ресурси, но  денеска наликува на тажна  сцена од трагичен филм. Погледите и сликите  сведочат за изгорени илјадници хектари шума за чие обновување ќе требаат неколку децении.

Состојбата велат дел од жителите е алармантна. Пожарите беа причина повеќе да се сврти вниманието на јавноста, но населението со години мака мачи со уште поголеми проблеми. Иако веќе навлезени во 21 век,  за поголем дел од селата животот е како пред стотина години. Еден од жителите од селото Зркле раскажува дека иако реонот практично спие на вода, сеуште мака мачат со вода за пиење, а немаат ниту пристапен пат до селото во кое има педесетина жители. Животот во ова село вели е вистинска мака, па за престојната зима мораат да се подготват неколку месеци однапред бидејќи лесно може да се случи да останат отсечени.

“Селото Зркле е заборавено од локалната власт. Има педесетина постојани жители, но за време на викендите има повеќе луѓе. Нема вода за пиење, ниту за наводнување. Замислете како  е на лето. Нема патна инфраструктура, но затоа пред секои избори има многу ветувања. Луѓето мораат за зима да се снабдат уште од сега бидејќи се случи лани кога имаше многу снег, да останат дури неколку недели затворени во своите домови. Иронично, неможе ни за арно ни за лошо да им се помогне. Не дај боже за умирачки, на раце мораат да ги завршат обредите”- вели Доцо Бежоски.

Слична е состојбата и во селото Требино. Иако ова село е на само неколку километри од градот Македонски брод и во него нема вода. Градоначлникот, велат жителите проектот го ветил пред поранешната централна власт, но работите сеуште се исти.  Иако овој предел  велат е  спој меѓу небото, земјата и водата и остава неповторливи импресии за секој посетител, за локалното население е вистински пекол. Идентична е сликата и во селото Рамне. Има проект за водоснабдување но заглавен во фиока.

“Луѓето масовно се иселуваат од овој крај. Без основни услови за живот во селото има неколку жители кои може да се избројат на една рака.Другите одамна се иселија.  Сликата е страотна”-вели Горан Радески од соседното Рамне.

Порече многумина велат почнува од Суводол па до селото Здуње, но за многумина познавачи почнува од клисурата Тапанче која ја спојува Бродската со Кичевската котлина, во близина на селото Латово, кое е првото од трите села што се наоѓаат во општина Македонски брод. На околу 17 km југозападно од центарот на Скопје, реката Треска го завршува својот тек низ планинските краишта на Кичевијата и Порече со кањонот кај Матка. Порече е поврзано со новото вештачко езеро „Козјак”, преку кое требаше да се добие нов импулс за развој и можност за туристичко заживување. Но се остана на празни ветувања.

За еден километар остана недовршен и патот до овој крај. Во својата досегашна изолираност локалното население успеало да зачува многу од традиционалните културни вредности, а заради неразвиената индустрија во овој предел  беше пример за  здрава природна околина, со можности за развој на културниот, еколошкиот и органски туризам.

Жителите велат дека локалната власт не направила ништо да го заштити и промовира овој природен бисер. Разочарани се што и по повеќе од деценија работите сеуште тапкаат во место.  За маките да бидат поголеми пожарите ја уништија и најмалата надеж дека овој регион ќе заживее.

“Не се живее од мов и печурки. Потребни се инфраструктурни решенија и плански развој за да се отворат можности за младите. Мора да се најде начин младите да се вратат назад. Работите одат дотаму што наставничка од Македонски брод, мајка на три деца , ја праќаат на работа во селото Црешнево. Без услови за работа и без обезбеден превоз да стигне дотаму. Во зима оди и пешки по десетина километри. Останаа нереализирани многу проекти, меѓу нив беше најавувана реконструкција на локалниот пат за селото Звечан, Вир, ветуваа изградба на нов пешачки мост на реката Треска, нова инфраструктура до околните села. По еден километар годишно да правеа ќе имаше нешто да се види. Вака останува само празно ветување” –вели жител на селото Зркле.

Пожарите во околината на Македонски брод уништија дури 70 отсто од боровата шума. Штетите допрва ќе се пресметуваат бидејќи сеуште не се направени проценки ниту стратегија каде ќе се бара одговорност и решенија.

Добар дел од жителите исплашени за својата скромна егзистеција за проблемите зборуваат  тивко. Неколкумина ентузијасти преку иницијатива ќе бараат начин овој регион да го врати својот сјај и вредност, но велат битката ќе биде тешка и долга. Дотогаш триесетина села кои гравитираат во Поречието ќе бидат оставени на забот на времето и на дарежливоста на природата сама да се избори да го врати ликот на еден од најубавите природни предели во Македонија. 

С.Б.

Слично

Поврзани вести