Стратегија за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди
Во наредните пет години до помалку жртви во сообраќајот преку Национална стратегија за унапредување на безбеденост на сообраќајот на патиштата која беше промовирана денеска.
Целта на стратегијата е бројот на жртви до 2020 година да се намали до просекот на бројот на жртви во членки на Европската унија, на жртви млади возачи за 30 проценти, на сериозно повредени за 40 проценти, а на деца-жртви во сообраќајот да се сведе на нула.
Според вицепремиерот Пешевски оваа стратегија во наредните пет години би требало да ги спаси животите на 250 до 300 сограѓани и да се намали бројот до 50 жртви помалку на годишно ниво.
Тој потенцираше дека секоја несреќа која ќе резултира со загубен живот значи загуба за секое општество и неуспех на истото, и безбедноста на патиштата мора да стане интегрален дел на субјектите надлежни за безбедност на патиштата на граѓаните.
„Со оваа стратегија ќе се спасат многу животи, а финансиските средства инвестирани во соодветно избрани елементи од безбедноста во сообраќајот не се трошок, туку инвестиција и оти се поврзани со висок степен на поврат на инвестицијата“, истакна Пешевски.
Согласно оваа Национална стратегија МВР ќе продлжи со зачестени контроли на сообраќајната полиција, како и силната медиумска поддршка за да се намали што повеќе бројот на загинати и повредени во тек на годината.
Фактот дека вопрвата половина од годинава во сообраќајни незгоди се загинати 52 лица, а во истиот период лани 71 лице говори дека сме на добар пат да го задржиме трендот на намалување кога правиме споредба со состојбите во 2014 година во која имавме историски најмал број на загинати и повредени во сообраќајни незгоди во Македонија, рече минстерот Чавков.
