Економија, финансии, бизнис

Контакт

Странските јазици приоритет: Неколку години основците немаат учебници по англиски

Странските јазици приоритет: Неколку години основците немаат учебници по англиски

Ќе помине првото полугодие, а основците од шесто, седмо и осмо одделение се уште се без учебници по англиски јазик. Уште полошо е што ова се случува веќе неколку години по ред, па наставниците мака мачат да ја реализираат програмата по овој странски јазик. За Фактор сведочат дека веќе реагирале и во Министерството за образование но дека оттаму не добиле никаков одговор за тоа зошто учениците и оваа година останале без учебници по англиски јазик. Се работи за учебниците Messages кои веќе неколку години не се обезбедуваат од страна на Министерството за образование и наука за учениците од таа возраст од основните училишта во цела држава. За да се во тек, дел од наставниците и некои ученици имаат мал број распарталени примероци од овие учебници. За останатите учебник нема. Од Асоцијацијата на наставници по англиски јазик и книжевност ЕЛТАМ, велат дека се запознаени со проблемот и дека постојано укажувале дека е потребна итна реакција. Од МОН останале глуви и на нивната реакција.

„Нашите членови постојано нé информираатдека нема учебници за англиски јазик за 6, 7, и 8 одделение но не само за тој проблем туку и за други проблеми како што е неменување на учебници во законски предвидениот рок од 5 години па учениците добиваат оштетени  учебници со кои не може да се работи. ЕЛТАМ даде негативно мислење и за учебникот за 9 одделение за кој сметавме дека не е соодветен за основно образование но за жал нашето мислење не го земаа во предвид. Исто така испративме официјален допис до МОН во врска со новото законско решение за избор и набавка на учебници со став дека треба да се дозволи избор на наставниците по англиски јазик по кој учебник да работат, односно од 3 или 5 учебници избрани од комисијата да може да изберат учебник соодветен за ниво и интереси на нивните ученици. Повторно нашите забелешки не беа земени во предвид. Се надеваме дека проблемите со учебници по англиски јазик ќе се решат во полза на учениците и наставниците а ние како здружение стоиме на располагање на сите релевантни институции за решавање на овие проблеми и унапредување на наставата по англиски јазик, велат од Асоцијацијата.

Минатата година голем број ученици не ги добија своите учебници и по германски јазик за шесто и седмо одделение. Годинава се повторува истата приказна, а според наши сознанија дел од учениците не добиле учебници ни по француски јазик.

Р.Ф.


Слично

Поврзани вести