СТРАНЦИТЕ НИ „ЧУВААТ“ 5,9 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ОД ГРАЃАНИ И ФИРМИ - еве кои се главни играчи во нашиот банкарски сектор
Странските банки се доминантни во земјава, состојба која не е нова, но заслужува да се анализира од аспект на последните податоци кои ги презентира Народна банка на Македонија, а кои се однесуваат заклучно со третиот квартал од минатата година.
НБМ овие податоци ги изнела во својот квартален извештај за ризиците во банкарскиот сектор, а тие говорат дека банките во претежна странска сопственост имаат најголемо учество во структурата на поважните позиции од билансите на банкарскиот систем и во третиот квартал од ланската година, а кај некои позиции бил забележан и дополнителен умерен раст.
Особено во третиот квартал лани се забележало зголемување на добивките на странските банки.
„Посебно се истакнува финансискиот резултат, каде што учеството на овие банки е зголемено за 2,2 процентни поена во споредба со претходниот квартал. По него малку позабележителна е и промената кај капиталот и резервите, каде што учеството на странските банки се зголеми за 0,8 процентни поени“, се вели во извештајот на централната банка.
Што говорат всушност бројките на НБМ за тоа колку нашиот банкарски сектор е практично доминантно во странски раце, а како што гледаме, тој тренд продолжува и да оди по нагорна линија во корист на странските инвеститори.
Од податоците излегува дека странците и имаат најголем капитал и актива во македонскиот банкарски сектор, и најголеми приходи и добивки, но и најмногу не кредитираат како населоение и компании. Исто така, тие чуваат и најголем дел од нашите депозити, иако во тој дел домашните банки сепак успеваат да придобијат сосема солиден дел од заштедите на македонските клиенти.
Да одиме со ред.
Во земјава има вкупно 13 банки, а од нив девет се во претежно странска сопственост. Од нив, пак, пет се подружници на странски банки, додека четири се останати банки во претежна странска сопственост. Додека, пак, имаме четири банки во претежна сопственост на домашни акционери, од кои три се во приватна, и една во државна сопственост, а таа е Развојната банка.
Кога станува збор за капиталот и резервите, деветте претежно странски банки имаат 1,17 милијарди евра, или 77,5 отсто од вкупните 1,51 милијарди евра колку што има капитал и резерви македонскиот банкарски сектор.
Деветте „странски“ банки држат и најголем дел од вкупната банкарска актива. Ако вкупната банкарска актива тежи 11,44 милијарди евра, од неа на претежно странските банки отпаѓа 8,27 милијарди евра, или 72,3 проценти.
Треба да се спомене дека во овие претежно странски банки влегуваат четири од големите банки, односно Стопанска Скопје, која е во доминантна грчка сопственост, НЛБ Банка, во словенечка, Халк во туирска и Шпаркасе банка во главно австриска сопственост.
И кредитирањето главно е во доменот на претежно странските банки, имено тие имаат дадено кредити од 5,77 милијарди евра, што опфаќа 82,1 отсто од вкупното кредитирање на овдешните клиенти.
„Банките во странска сопственост и натаму имаат највисоко учество во вкупните кредити на нефинансискиот сектор, коешто изнесува 82,1 отсто и бележи минимален раст за 0,1 процентен поен“, се вели во извештајот од НБМ.
Странските банкари држат и најголем дел од нашите депозити, дури 5,9 милијарди евра од домашните граѓани и депозити на компании. Тоа е 70,3 отсто од вкупните кредити.
Во поглед на остварените приходи странските банки на крајот на третиот квартал оствариле 419 милиони евра, додека, пак, профитот што го прикажале тежи 167 милиони евра.
Домашните банки, пак, каде Комерцијална банка е главниот играч во сите параметри, но кои се вкупно четири, имаат вкупен капитал и резерви од 339 милиони евра. Нивната вкупна актива, пак, е 2,93 милијарди евра, што е 25,6 проценти од вкупната банкарска актива.
Домашните банки на нашите клиенти им дале 1,26 милијарди евра кредити, а она што е битно е дека македонските штедачи и тоа како им веруваат, и кај нив чуваат депозити од 2,5 милијарди евра, при што овде се работи и за граѓани и за фирми, што, пак, е дури 27,7 отсто од вкупниот депозитен колач.
Приходите на домашните банки се 131 милиони евра, дподека добивката е 57 милиони евра.
Н.Н.Ф.
