Економија, финансии, бизнис

Контакт

СТРАНЦИ ОД РАЗЛИЧНИ ЗЕМЈИ ГО ЗБОРУВААТ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК: Сите имаат своја приказна како почнале да го изучуваат

СТРАНЦИ ОД РАЗЛИЧНИ ЗЕМЈИ ГО ЗБОРУВААТ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК: Сите имаат своја приказна како почнале да го изучуваат

Сме биле сведоци како странци го зборуваат македонскиот јазик, а сите тие имаат различни причини зошто и како почнале да го изучуваат нашиот јазик. Пол Тиениу Јунг, Кинез кој живее во Словачка вели дека неговата сопруга имала пријателки од Македонија и тоа го поттикнало да научи да зборува на македонски. Овој човек вели дека веќе имал основа од словачкиот јазик и за кратко време успеал да комуницира на македонски. Тиениу Јунг објаснува дека тој припаѓа на голема нација, но  вели дека и малите нации се интересни и имаат своја спефицична и убава култура која тој сака да ја проучува. Откако се запознал со македонскиот јазик, ја посетил Македонија и комуницирал со граѓани во Скопје, Битола и Охрид.

„Зборував со луѓе во национален парк, во ресторан, на пазар, со такси возачи. Го гледам македонскиот јазик како многу убав, логичен, лесен јазик за учење. Не знам за другите, но тоа е мое субјективно мислење. Не знам колку точно зборови научив, но го знам основниот македонски јазик. Двете пријателки на мојата сопруга ми оставија многу убав впечаток, беа навистина едуцирани и почнав да учам. Десет дена бев во Македонија, на повеќе места, на Охридското Езеро, во Битола и секако поминав време во Скопје. Го сакам тоа искуство, беше многу позитивно. Во Битола зборував со една дама која имаше шеесетина година, но имаше совршен британски акцент. Тоа ме воодушеви. Среќен сум што го знам македонскиот јазик, секако морам уште да учам, ќе ми треба време да читам литература на пример“, рече Тиениу Јунг.

Гаел Лекок од Франција, која ги свири македонските народни песни на кавал од 2015 година го учи македонскиот јазик и денес течно го говори. Таа имала предизвици при изучувањето на јазикот.

„Почнав да учам македонски во 2015 година на ИНАЛКО, со часови секоја недела и тоа ми помогна доволно брзо да учам. Најтешко е со вокабуларот кога не знаете ниту еден словенски јазик и системот на глаголи. Но, со практикувањето на јазикот и тоа си доаѓа. Кога доаѓам во Македонија зборувам македонски со Македонците и тоа многу ми помага. Немам идеја колку зборови знам, но сум на Б2 ниво“, вели Лекок.

Илкнур Караслан од Истанбул говори неколку странски јазици и вели дека македонскиот го научила патувајќи низ Македонија.

„Зборувам руски и украински и добро ми оди со јазиците. Препознав многу сличности меѓу словенските јазици. Затоа мене ми беше лесно да ги учам јазиците“, рече Караслан.

Јапонската амбасада во земјава на 12 јануари 2024 година сподели видео  во кое јапонски ученици испраќаат поздрав на македонски јазик.

Сања Атанасовска

foto freepik.com/natanaelginting

Слично

Поврзани вести