Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стопанска банка – Скопје оди на продажба?

Стопанска банка – Скопје оди на продажба?
Националната банка на Грција е принудена да ја продава Стопанска банка - Скопје, објавува денеска Катимерини. Продажбата е дел од плановите на Европската комисија за реструктурирање на грчкиот банкарски сектор. Согласно овие планови, грчките банки ќе мора драстично да ги намалат своите активности во странство, како и да го намалат бројот на експозитури и на вработени дома. Плановите за реструктурирање на Националната банка на Грција и на Пиреус банката биле одобрени уште минатиот месец, додека слични планови има и за Алфа и за Јуробанк. Според оваа шема, Националната банка на Грција ќе го задржи своето присуство во соседна Турција, преку одржување на мнозинскиот удел во Финансбанк, но до јуни 2018 година ќе мора да се повлече од сите останатите пазари во Југоисточна Европа на кои е присутна - Македонија, Албанија, Бугарија, Романија, Србија, но и од Јужна Африка и Египет. Ќе и биде дозволени да задржи дел од филијалите на Кипар, Малта и во Обединетото Кралство. Во договорот со Европската комисија, Националната банка на Грција се согласила да го намали и бројот на експозитури во Грција на 550, а бројот на вработени на 10.700. Национална банка на Грција (НБГ) е најголем акционер во Стопанска банка - Скопје и најголемата банка во Грција според вредноста на активата, кредитите и депозитите. Повлекувањето на НБГ од Стопанска банка се најавува уште од минатата година, но сега има конкретен временски план до кога тоа мора да се случи. Од Стопанска банка претходно изјавуваа дека нема планови за промена на акционерската структура на банката, а вакви најави кон крајот на минатата година немаше ниту гувернерот Димитар Богов. Тој тогаш нагласи дека дури и да биде донесено решение „НБГ“ да се повлече од „Стопанска банка“ АД Скопје, тоа би бил “подолг процес во кој активно би била вклучена и НБРМ“. „Стопанска банка  АД Скопје би продолжила најнормално да функционира на пазарот. НБРМ би водела сметка на крајот од тој процес оваа банка да добие нов доминантен акционер. Сите нејзини клиенти би продолжиле нормално да ги добиваат стандардните услуги од банката“, рече тогаш Богов. Сличен чекор, односно повлекување од странските пазари се очекува и од Алфа Банка, која исто така има своја филијала со експозитури во Македонија.
Слично

Поврзани вести