Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стопанска банка Скопје ќе дели дивиденда - за исплата се планираат над 16 милиони евра, еве кога акционерите ќе „тријат раце“

Стопанска банка Скопје ќе дели дивиденда - за исплата се планираат над 16 милиони евра, еве кога акционерите ќе „тријат раце“

Една од трите големи комерцијални банки во земајва ги објави Годишниот извештај од работењето за минатата година, но и плановите за распределба на добивката. 

Станува збор за Стопанска банка АД – Скопје која согласно информациите споределни преку Македонска берза, планира исплата на дивиденда во вкупен износ од 1,03 милијарди денари, односно околу 16,75 милиони евра. 

Предложените одлуки се поставени на берза и тие треба да бидат изгласани на претстојното собрание на акционери.

Според предлогот, за секоја обична акција ќе се исплатат по 59 денари бруто износ. Одлуките треба да бидат разгледани и усвоени на Собранието на акционери закажано за 28 мај.

Пресекот на акционерската книга е планиран за 15 јуни, додека исплатата на дивидендата треба да започне на 13 јули.

Средствата за исплата се обезбедени од добивката на Банката, при што околу 11,66 милиони евра потекнуваат од минатогодишната добивка, а дополнителни 5,09 милиони евра од акумулираната добивка од претходните години.

Покрај тоа, ќе биде исплатена дивиденда и за приоритетните акции, во вкупен износ од 1,36 милиони денари (околу 22,2 илјади евра), односно по 6 денари бруто по акција.

Документите кои ги објави Стопанска банка откриваат дека иако во текот на минатата 2025 година се соочиле со забавена економска активност, инфлаторни притисоци и постепено олабавување на монетарната политика, оствариле солидни финансиски резултати и ја задржале високата профитабилност.

Добивката изнесува 3.330.947 илјади денари или 54,16 милиони евра, при што износот е понизок за околу 6,1 отсто во споредба со претходната година.

Притоа, од Банката посочуваат дека согласно стратегијата за одржување висок квалитет на активата и ниско ниво на нефункционални побарувања, издвоена е исправка на вредност и посебна резерва за вонбилансна изложеност од 1.491.716 илјади денари (24,26 милиони евра), проседено со годишна промена од 27 насто. По ова, добивката пред оданочување е 3.703.714 илјади денари (60,22 милиони евра).

Кај приливите на средства, Стопанска банка Скопје лани од каматите обезбедила нето-износ од 86,92 милиони евра. Споредено со претходната 2024 година, за 13 отсто помалку. Инаку, од пресметаните и наплатени камати, исходот е 104,19 милиони евра, при што е забележан пад во спроедба со претходната година од 7,73 отсто. 

Намалувањето, како што е појаснето е резултат на падот на каматните стапки и прилагодувањето кон конкурентските услови.

Намалени, за 14 проценти се нето-приходите од провизии и надоместоци, каде што сумата е 12,14 милиони евра. Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 2,93 милиони евра и се на приближно исто ниво како и претходната година. 

Останатите приходи од дејноста достигнале 26,94 милиони евра.

И покрај инфлаторните притисоци, од Банката укажуваат оти задржана е оперативната ефикасност. Останатите расходи од дејноста изнесуваат околу 18,03 милиони евра, додека трошоците за вработените – 21,73 милиони евра.

Во текот на минатата година, кредитната поддршка што Банката ја обезбедува за населението и за компаниите постигнала износ од 1,77 милијарди евра, со годишен раст од 10 проценти. Кредитите и побарувањата од банките се околу 6,09 милиони евра и бележат намалување од 8 проценти.

Депозитите (без банкарските) изнесуваат околу 1,95 милијарди евра.

Слично

Поврзани вести