Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Стопанска банка Битола“: Нето приход од камати порасна до 1 милион евра за три месеци

„Стопанска банка Битола“: Нето приход од камати порасна до 1 милион евра за три месеци
Банката бележи солиден раст на пазарното учество и раст на приходите што се одразило и на крајниот исход: загубата е преполовена во споредна со лани „Стопанска банка Битола“ ги зголемила нето приходите од камата за 29 отсто во првиот квартал годинава во споредба со истиот период лани, што е солиден резутат во овие услови на работа кој укажува на пазарна експанзија на банката, покажуваат резултатите од неревидираниот биланс на успех објавен на берзата. За првите три месеци приходите од камата на „Стопанска банка Битола“ изнесуваат 99,3 милиони денари што е за 19,3 милиони денари повеќе од оствареното во истиот период лани. Расходите на банката за камати во истиот период растеле, но со помал интензитет од приходите и тие изнесуваат 37,4 милиони денари и се за 5,4 милиони денари повисоки од минатата година. Како резултат на овие две ставки нето приходот од камати на битолската банка изнесува 61,9 милиони денари (околу еден милион евра) што е раст од 29 отсто во споредба со истиот период лани. На расходната страна од билансот е забележливо дека банката во голема мерка ја намалила загубата заради оштетување на нефинансиските средства што укажува на фактот дека во овој момент таа банка во голема мерка еснафски речено „ги исчистила своите биланси“ и ако продолжи вака во иднина ќе се очекуваат уште подобри финансиски резултати. Вредноста на овие оштетувања изнесува 45,3 милиони денари и е најголема расходна ставка. Во лани таа вредност била повисока за 77 милиони денари. Кај резервациите за кредити банката исто така книжи поголем расход и тој износ е 8,9 милиони денари и во споредба со лани е повисок за 8,1 милиони денари. Ова може да значи дека банката дава значајно повеќе кредити од лани, па со оглед на тоа ги зголемува и резервациите за пласмани што укажува на нејзината пазарна експанзија. Второ, може да значи дека банката има повеќе клиенти кои покажуваат пониска финансиска кондиција за враќање на задолженијата што исто така може да се случува. Веројатно дека растот на оваа вредност е микс од двете веројатности што ги наведовме погоре. На расходната страна забележлив е и солиден раст кај трошоците за вработени за 5 милиони денари до износ од 36,3 милиони денари што укажува на тоа дека банката се грижи за своите вработени и нивната лојалност и го зголемува трошокот за нивно наградување. На крај на билансот финансискиот резултат е негативен и изнесува 46,4 милиони денари и во споредба со истиот за минатата година, загубата сега е помала за 48,6 милиони денари, што секако е позитивен тренд.
Слично

Поврзани вести