Стопанска банка АД - Скопје со интересни предлози за распределба на добивка и дивиденда за приоритетните акции
Сезоната на Собранија на акционери е во самиот финиш и акционерските друштва ги објавија своите планови за распределба на добивките.
Една од компаниите е и Стопанска банка АД – Скопје, која неодамна објави Јавен повик за свикување на Собрание на акционери на 31.05.2022 г. со предлог одлуки кои ни го привлекоа вниманието. Ова особено што обичната акција на една од најголемите три банки достигна рекордна цена од речиси 1.800 денари во текот на мај, од причина што се очекуваше распределба на дивиденда поради одличните резултати на банката. Меѓутоа, пазарот беше изненаден кога дозна дека на ова собрание нема предлог за распределба дивиденда на обичните акции – барем не на ова собрание.
Сепак, ако внимателно се анализираат предложените одлуки, може да се извлечат одредени важни информации за инвеститорите.
Распределба на добивка: зошто Банката не дели дивиденда на обичните акции?
Најпрво, Банката во 2021 година оствари одлична нето добивка во износ од 2.465 милиони денари (~41 милиони евра), што им овозможува добра основа за покривање на главните бизнис потреби во следниот период. Оттука, Банката најпрво планира да го зајакне регулаторниот капитал за дополнителни 1.850 милиони денари (~30 милиони евра), средства кои нема да бидат расположливи за распределба за дивиденда на акционерите, но со истите ќе се обезбеди добра основа за поддршка на амбициозниот план за раст во иднина. Остатокот од добивката од 2021 година се распоредува за инвестициски цели.
Дополнително, откако се обезбедуваат капиталните потреби, се предлага акционерите да пренаменат 934 милиони денари (~15 мил евра) од добивката од минатите години, а кои иницијално беа наменети за инвестиции во 2021 година. Со оглед дека истите не биле искористени во тековната година, ќе се распределат во акумулирана добивка слободна за располагање во иднина.
За што ќе биде искористен овој износ, останува да се види. Со оглед на фактот дека Банката уште пред кризата со Ковид објави план за инвестирање во нова корпоративна зграда која ќе биде важна пресвртница за Банката, нејзините вработени и нејзините клиенти, очекувано е дел од овие средства да се пренаменат подоцна и за оваа цел.
Имајќи го предвид сето ова, како и тековните одлични резултати, банката ја зајакнува својата капитална и ликвидносна позиција во услови на пошироки значајни макроекономски неизвесности; од друга страна пак, обезбедува основа, кога ќе се нормализира макроекономското опкружување, можеби и во текот на оваа година, да распредели дивиденда и да ги израдува акционерите.
Нов предлог: атрактивна понуда на фиксна дивиденда за приоритетните акционери
На Дневниот ред на престојното собрание на Стопанска банка, има уште еден интересен предлог насочен кон малцинските акционери сопственици на приоритетни акции.
Според предлогот, наместо постоечката формула за пресметка на гарантираната дивиденда на приоритетните акции (според која следува дивиденда од 5 денари по акција), мнозинскиот акционер предлага напуштање на формулата и воведување на дивиденда во фиксен износ од 25 мкд по акција. Квантифицирано, со оваа 5 пати поголема дивиденда, дивидендниот принос на овие акции би скокнал на атрактивни 6,25 отсто. Во ова макроекономско опкружување, овој принос дефинитивно ќе привлече институционални инвеститори за сигурен пласман на нивните средства со релативно добри приноси.
Како овој предлог ќе влијае на идната цена на приоритетните акции?
Зависи од многу фактори, вклучително и дали акционерите во Стопанска во иднина ќе одлучат овие акции да ги конвертираат во обични акции, но атрактивноста на предлогот на ова Собрание ќе биде различно разгледувана од секој поединечен акционер, во зависност од тоа кога и по која цена ги стекнал своите акции.
Едно е сигурно – престојното Собрание на акционери на Стопанска банка АД – Скопје има интересни предлози чиј финален исход ќе го дознаеме наскоро.
Р.Ф.