„Стомачните вируси се болести на ’нечисти раце‘ – антибиотиците на своја рака само ја влошуваат состојбата“ – интервју со д-р Софија Крстева
„Антибиотиците не делуваат на вируси. Самоиницијативното земање антибиотици може дополнително да ја влоши дијарејата и да ја наруши цревната микрофлора“ – вели за Женски Магазин, Д-р. Софија Крстева, специјалист по семејна медицина.
Со затоплувањето на времето се јавува и зголемен број на пациенти кои се жалат на тегоби во стомакот, проследени со повраќање и дијареја. Дали станува збор за стомачен вирус или труење со храна? Како да ги препознаете симптомите и што (не) треба да правите?
Кога се јавуваат првите симптоми на влошена здравствена состојба, лекарите по општа медицина, односно т.н. матични лекари се првите на кои им се обраќаме. Болки во стомакот, дијареја, повраќање …
Ова се симптомите на кои се жалат голем број граѓани во изминатиот период и токму на таа тема направивме кратко интервју со специјалистот по семејна медицина Д.р. Софија Крстева, која ни појасни што треба да се направи кога се јавуваат симптомите, но и како да се заштитиме за да не се пренесе болеста кај сите членови во домот.

ЖМ: Во овој период има ли зголемен број пациенти со стомачни вируси и кои се најчестите симптоми?
Со затоплувањето на времето, во летниот период редовно бележиме зголемен број на пациенти со вакви тегоби.
Најчестите симптоми со кои ни доаѓаат пациентите во нашата ординација се гадење, повраќање, течни столици (дијареја), грчеви и болки во стомакот, а неретко се јавува и покачена телесна температура, малаксаност и главоболка.
ЖМ: Што најчесто ги предизвикува стомачните вируси и како се пренесуваат?
Најчести причинители се ротавирусите, норовирусите и аденовирусите.
Ова се болести на „нечисти раце“. Се пренесуваат исклучително лесно преку директен контакт со заразено лице, преку контаминирани површини, предмети, како и преку недобро измиена храна или нечиста вода.

ЖМ: Како да разликуваме стомачен вирус од труење со храна?
Иако клиничката слика е слична, клучната разлика е во брзината на почетокот и изворот.
Труењето со храна (најчесто предизвикано од бактерии како Салмонела или Стафилокок, кампилобактер јејуни) настанува нагло, обично неколку часа по консумирање на расипана или термички необработена храна (мајонези, сладоледи, термички необработено месо, непастеризирано млеко) и симптомите се многу интензивни.
Неколку лица кои јаделе од иста храна имаат исти симптоми.
Стомачниот вирус има нешто подолг период на инкубација (1 – 2 дена) и често е проследен со покачена температура и општа изнемоштеност која трае подолго, доминира воденест пролив односно дијареа.
ЖМ: Колку време обично траат симптомите и кога треба да се побара лекарска помош?
Кај возрасните со добар имунитет, симптомите обично се повлекуваат за 3 до 5 дена.
Сепак, лекарска помош треба да се побара веднаш ако повраќањето е упорно и не дозволува внес на течности, ако дијарејата трае подолго од 3 дена, ако температурата е екстремно висока или ако забележите крв во столицата.
Интервјуто продолжува на Женски магазин...