Стојменов категоричен дека Општина Центар му бара 1 милион евра мито, Богдановиќ демантира и бара извинување
Полицијата во центарот на Скопје, на локацијата кај поранешно Беко, односно ТЦЦ „Плаза“ денеска отстрани градежни работници, заради тоа што немале дозвола да работат на хотелскиот објект, чиј сопственик е бизнисменот и поранешен министер Борис Стојменов. Тој денеска присуствувал на местото и се скарал со полицијата, па во изјава за ТВ 21, обвини дека Општина Центар му бара еден милон евра мито за да продолжи да гради.
-Четири години со платени комуналии, платено се, не може да градиме затоа што бараат милион евра мито. Не им давам мито, потенцира Стојменов.

Веднаш потоа се огласи и градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, нагласувајќи дека општината најостро и категорично ги демантира тврдењата на Стојменов.
-Доколку некој му побарал мито на господинот Стојменов и има докази за тоа, наместо медиумски, Општина Центар го охрабрува случајот да го пријави во Основното јавно обвинителство, кое е надлежно да постапува за предмети од таа проблематика. Од Борис Стојменов бараме јавно извинување за изнесените тенденциозни тврдења за општината и градоначалникот Богдановиќ, во спротивно на истиот ќе му бидат поднесени соодветни пријави, вели градоначалникот Богдановиќ во демантот.
