Стојанче Ангелов: Нема притвор затоа што напаѓачи се дел од раководството на ДУИ
„Страшно е тоа што насилниците кои неовластено влегоа во кругот на М-НАВ, вклучително и во просториите на контролата на летање, нападнаа дежурен контролор на летање, ги вознемирија и ја загрозија безбедноста и на останатите дежурни контролори ја загрозија и безбедноста на воздушниот сообраќај на македонското небо и аеродроми.
Добро е тоа што МВР ги приведе, а Јавното обвинителство поднесе соодветни пријави против осомничените насилници.
Неразбирлива е одлуката на Судот кој иако бил должен, не им одредил притвор на осомничените насилници. Но, кога ќе се земе во предвид дека некои од нив се дел од највисокото раководство на ДУИ тогаш ваквата постапка станува разбирлива. Останува отворено прашањето, до кога вака? До кога одредена етничка и партиска припадност ќе овозможува неказнивост дури и при сомнение за извршени тешки кривични дела?
Добро е и тоа што премиерот Ковачевски и министерката за одбрана Петровска најавија дека на следната владина седница ќе се расправа за разрешување на директорите и на Управниот одбор на М-НАВ.
Сосем за крај, прашувам, што ќе се случеше со насилниците доколку влетаа во контролата на летање на аеродромот во Њујорк? Или во Париз, Истанбул, Атина па дури и во Белград? Јас мислам дека таму немаше да влетаат. Ќе беа "решени" при обидот за влетување“, искоментира Ангелов.
Лидерот на „Достоинство“ ја повика Владата да го реорганизира обезбедувањето на М-НАВ на подобар начин, откако потфрли обезбедувањето од страна на приватна агенција како и самата внатрешна контрола. Ангелов порача дека и самиот работел во оваа институција и знае дека за таму е потребен строг професионализам.
„Пред да бидам именуван за директор на ЦУК, две години работев како помошник за безбедност на системи и уреди во Секторот за воздухопловна техника на М-НАВ во објектот на скопскиот аеродром. Во тој период лично запознав дел од вработените и слободно можам да кажам дека најголемиот дел од нив се извонредни луѓе, посветени професионалци кои се грижат за безбедноста на воздухопловите на нашето небо и аеродроми.
