Стоиљковиќ за српски медиум тврди дека власта сака да им ја одзема општина Старо Нагоричане
Зошто државата со насилни и крајно непримерени методи и средства, надвор од законските рамки сака да им ја одземе на Србите во Македонија и последната институционална рамка и столб за зачувување на националните особености, и српската култура, духовност и традиција во Македонија - градоначалничко место во Старо Нагоричане?, пишува Иван Стоиљковиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија во колумна објавена во српски Стандард.
Или можеби намерата за уставна прекомпозиција на Македонија, покрај отворениот антисрбизам на новата власт е вистинскиот мотив за ваквото однесување, додава тој во колумната.
„Во последно време сѐ погласно од многу страни се слушаат пораки упатени што директно, што индиректно, дека нашата партија нема право да има градоначалник во Македонија и како тоа ние сме се осудиле и осудуваме да бараме подршка за нашиот кандидат за градоначалник на општина Старо Нагоричане. Како тоа Србите и помислиле дека може и треба да имаат свој градоначалник, иако тоа и досега се случувало и се случува во соработка со македонски партии. Што е целта на таквиот пристап? Сѐ поочигледно станува дека на истите не им смета кога некој друг на републичко ниво управува со половина од севкупните државните ресурси, а им смета градоначалник од Демократска партија на Србите, на убедливо најсиромашната општина во Република Македонија“ - наведува Стоиљковиќ.
Во Старо Нагоричане во вториот круг од локалните избори в недела ќе се гласа за кандидатите за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и ДПС Елена Јаќимовиќ и Жаклина Јовановска од СДСМ. По првиот круг во предност е канддатката на СДСМ која освои 955 гласа (44,36%), наспроти кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и ДПС која освои 572 гласа (26,57%).