Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стоиљковиќ кажа зошто гласал „против“ Декларацијата за Украина, вели: Русија се одлучи на конструктивна деструкција

Стоиљковиќ кажа зошто гласал „против“ Декларацијата за Украина, вели: Русија се одлучи на конструктивна деструкција

Пратеникот Иван Стоиљковиќ, прв човек на Демократската партија на Србите, кој е еден од тројцата народни избраници заедно со двајцата од Левица, гласаше против Декларацијата за поддршка на Украина, на фејсбук ги кажа своите причини зошто така постапил. 
„Зошто гласав против!!!

По три децении акумулација на проблеми на релација САД - Русија, Русија се одлучи да одговори на политиката на конструктивна деструкција, со што започна нова фаза во нивните меѓусебни односи. САД со своето перманентно нарушување на меѓународниот правен поредок и преземање на улогата на светски хегемон и по пат на континуираната, главно насилничката политика за проширувањето на НАТО - во што спаѓа и обидот вовлекување на Украина во пактот - и формално создаде неприфатлива безбедносна состојба за Русија и одговорот, односно реакцијата на Руската Федерација беше очекувана, како последица токму на претходниот, со години наметнуван модел на односи со Западот.

Русија, соочена со реалноста дека ниту САД ниту НАТО не се подготвени да се вклучат во одговорна дискусија за потребата од европска безбедносна рамка и дека истите сакаат директно да навлезат во границите на Русија, презеде мерки за промена на рамката во која би се одвивале ваквите дискусии. По изјавата на Путин, дека РФ е во смртна опасност, нормално беше да се очекува активирање на специјалната операција.

После ваква конструктивна деструкција, моделот на светот во кој живееме повеќе од очигледно стана наполно истрошен, доминацијата без контрола ги исцрпе своите сили. Време е за нешто ново, но како и секое породување, и ова ќе биде, се надевам, во привремени болки.

Каков ќе биде новиот свет допрва ќе се види. Секој поединец и секоја држава кои во новонастанатите околности ќе бараат извесност и гаранција, треба веднаш да добијат по муцката. Но дали кризата на самонаречениот “цивилизиран” свет - кој спасот го бара во освојување на нови богатства со кои ќе ја храни алчноста за нова доминација - ќе провоцира настани кои ќе го загрозат опстанок на човечката цивилизација, ќе се види наскоро...

Да, јас повикувам на почитување на меѓународното право и неповредливоста на границите, но само како универзален принцип кој важи за сите, бидејки на малите држави единствено таа заштита им преостанува. Слугеранството и примената на различни аршини малите најскапо ги чини. Затоа кетманизмот во меѓународно политичките односи кој го промовирате како врвно достигнување, само ќе го уназадува општеството и ќе генерира нови слепци и послушници во јавниот живот, а со тоа и дегенерирани вредности во животот и општеството.

Ние Србите на таа тема слободно можеме да зборуваме затоа што на своја кожа го искусивме “принципиелниот” (под наводници) став на САД и ЕУ. Сакам да кажам дека во потполност ја разбирам вашата амбивалентност која толку снисходливо ја демонстрирате - сепак, членка сме на НАТО, но извинете, не сум подготвен да им се восхитувам на умислените марионети кои како збрлавени ги мантраат валканите флоскули од западниот арсенал на антируска хистерија, а сѐ уште не ни почнале да бараат алтернативен пласман за праски од кавадаречко, јаболка од ресенско, домати од струмичко и зелка од кумановско. Важно, Орвеловата „Фарма“ работи со полна пареа. Но... Нас во Собрание нѐ донесоа нашите селани и нашите работници за да го штитиме нивниот интерес, а не валканиот капитал на глобалистичката олигархија.

Затоа, не треба да ве зачудува доминантното расположение на нашите луѓе, туку треба да ве плаши што сте на другата страна од својот народ, а крајот ќе го каже историјата. Јас и овојпат го одбирам потешкиот пат. Впрочем, Actum est, ilicet, некој ќе мора да ѝ ја отвори вратата на Македонија во новата реалност, а таа неминовно доаѓа“, пишува на фејсбук Стоиљковиќ.

Слично

Поврзани вести