Сточарите во опожарените краеви се плашат од наезда на волци
Сточарите во Источна Македонија, посебно во деловите кои беа зафатени со пожари, се плашат од наезда на волци зимава.
Откако во август имаше големи шумски пожари во Малешевијата, по нивите беа забележани волци и лисици. Сточарите велат дека откако шумите се уништени, постои ризик волците да се движат близу населените места многу почесто од порано, и да го напаѓаат добитокот. Сите се согласуваат дека многу од жителите по селата се откажале од чување на стока, добиточниот фонд е намален, но оние кои останале да се занимаваат со оваа дејност, живеат од продавање на млеко и производство и продажба на сирење.
„Пред два месеци видов волк. Можно е доколку има вентилација во објектот каде се чува добитокот, доколку има отворен прозорец може да влезе волк и да направи штети. Многу од мештаните ја продадоа стоката, но во селото Русиново 50 до 60 семејства сѐ уште се занимаваат со чување на стока“, вели Дејан Мичковски, сточар.
Стравот е присутен и оправдан. Велат откако шумите се претворија во пепел, волците ќе ги сретнуваат почесто од порано.
„Нормално дека луѓето ќе се плашат, затоа што реално може да има штети по грлата добиток. Јас имам стока во реонот на селото Стамер, објектите се затворени, заштитени“, додава сточар од Делчево.
Од ловните друштва во главниот град велат дека ловците во засегнатиот регион, можат да им помогнат на сточарите со отстрел на волци и лисици. Додаваат дека во Европа волците се загрозени, ги има во помал број, но состојбата не е таква во земјава, а изминативе години имало поплаки од граѓаните дека волците им прават штети.
Жаклина Реџовска, која била член на еколошкото друштво „Брица“ од Берово, вели дека често планинари, и во шумите многу почесто среќаваат лисици од волци.
„Јас често одам по планини, и лисици среќаваме постојано, има доста и диви свињи, а волк немам сретнато. Тие се спуштаат близу градот по храна, и тоа е нормално и природно. И порано волците се спуштале до трлата, тоа не е од сега. Мислам дека тоа може да се реши не со хајки, туку ловците да се организираат, да им носат храна, затоа што има доволно храна, и се фрла“, рече Реџовска.
Таа вели дека треба да се земе некој добар пример од странство, како таму се решаваат овие проблеми.
Сања Атанасовскаfoto unsplash.com
