Стево Пендаровски: Поважно е членството во НАТО, отколку интеграција во ЕУ
Македонскиот претседател Стево пендаровски во своето последно интербју за „Ал Џезира“ одговарајќи на новинарско прашање вели дека во моментов за една балканска земја како Македонија поприоритетно за перспективата во моментов е да биде официјална членка на НАТо отколку да се интегрира во ЕУ.
„Меѓутоа факт е, дека во историска смисла во стратешка смисла членството во НАТО за една Балканска држава е многу поприоритетно од членството во Европска Унија, зборувам за актуелниот политички и безбедносен миг, многу е битно да ја имате обезбедено територијата, границите да имате 29 други земји членки кои според колективна клаузула заеднички со Вас ќе се борат против заканите, отколку да бидете сам. За една мала држава како што е нашата по сите параметри, многу е битно што наскоро стануваме членка на Алијансата и потоа како битна претпоставка одиме полесно побрзо кон економски развој, затоа ни треба Европската унија. Меѓутоа, Преспанскиот договор ја заврши големата работа, најголемата работа за НАТО членство 24 ратификации на пристапниот протокол досега од 29, мислам можеби баш денес и американскиот Сенат ќе си ја заврши работата, значи се работи за само пар месеци од сега до конечното членство и тоа е според мене да не го рамнам со датумот со референдумот за независност, меѓутоа тоа е со огромна политичка тежина за иднината на државата бидејќи дефинитивно ставаме крај на сите дебати дали ќе биде како држава што може да биде на пролет или другата година, ако има турбуленции околу дали ќе се пренесат кај нас. Влегувајќи во најголемата воено политичка Алијанса во историјата на човештвото, вие имате безбедносна гаранција дека ќе ве биде и тоа не смееме да го заборавиме, инаку чувството е тоа како што го реков ќе беше идеално ако го завршивме Преспанскиот договор и вториот дел од задачите кон ЕУ.“, вели Пендаровски.
Во однос на предвремените парламентарни избори Пендаровски вели дека резултатите од истите нема да променат ништо во насоката на движење на Македонија и која било опција да победи ќе се задржи на стратешкиот курс.
„Зависи какви ќе бидат изборните резултати. Што може да сменат во конкретна дневно-политичка смисла. Во однос на ова што ми се мене надлежности, во однос на она прашање заради кое ги повикав лидерите тука да дискутираат и за кое сите се согласивме со апсолутен консензус, нема да сменат ништо. Кој и да ги добие тие избори, кој и да биде утре власт и да биде утре опозиција, добивме уверување, јавно се обврзаа сите лидери, тоа не е мене да ми го кажале во четири очи, сите тие ќе продолжат да работат на наше интегрирање кон евро-атлантските институции. Тоа нема дилема. Во однос на конкретни политики, кој што би можел да прави откако бил на власт и особено под претпоставка ако сегашната опозиција дојде на власт, тоа зависи од политичките програми кои тие ќе ги изложат пред граѓаните и за кои ќе очекуваат поддршка. Во една демократија кога ќе добиете поддршка, ако добиете поддршка од граѓаните, вие сте легитимен и понатаму останува на вас да се држите до изборните ветувања. Немам дилеми во таа смисла дека стратешката насока на државата ќе биде зачувана при какви било изборни резултати. И ако ме прашувате мене дали воопшто требаше да имаме избори во овој период, се разбира, тоа е работа на политичките лидери“, вели шефот на државата.
Тој додава дека за прв пат во историјата на последната лидерска средба во Вила Водно сите партиски лидери се одзвале на претседателската покана без да бидат поттикнувани на тоа од странските амбасади. Ова Пендаровски го вели на прашањето дали ќе остане во добри односи со опозицијата доколку дојде на власт.
„Јас не би сакал да се фалам во овој дел, меѓутоа претпоставувам дека македонската јавност, вие и сите останати го чувте тој податок што мислам дека добро зборува не само за мене како личност, добро зборува за созревањето на македонската демократија. Лидерската средба што беше пред два дена е прва во историјата на нашата земја, за жал прва, после скоро 30 години како независна држава, на која сите политички лидери дојдоа да дебатираат без да им биде кажано од некоја амбасада во Скопје да го направат тоа. Јас ги поканив, дојдоа, не велеа дајте некое време да размислиме, го сфатија политичкиот момент, го сфатија од историскиот контекст и покажаа навистина државотворен капацитет. Дојдоа, дискутираа, тоа беше една одлична дебата и на крајот се согласивме околу овие заклучоци кои ги соопштивме кои се многу битни за иднината на државата и на народот. Оттука тргајќи мислам дека тоа е добар знак дека мојот изборен слоган нема да остане само изборен слоган дека сакам да бидам претседател на сите, значи еднакво како и досега во овие изминати 5-6 месеци на функција, така и отсега, наредните години ќе сакам да бидам еднакво близок или еднакво далеку и од власта и од опозицијата. Сосема небитно е какви се нивните формални имиња“, тврди Пендаровски.
