Стево Пендаровски нема да бара нов мандат
Актуелниот претседател Стево Пендаровски денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека нема да бара нов мандат како шеф на државата на следните претседателски избори напролет.
Тој рече дека не планира да се кандидира за нов мандат на денешниот настан отворен форум за антикорупција на кој се дискутираше за мерките и политиките кои се преземаат и треба да се преземаат во борбата против корупцијата.
Одговорајќи на новинарско прашање без да наведе зошто, само кратко одговори дека не планира да се кандидира повторно за претседател на изборите закажани за 8 мај следната година.
Извор од кабинетот на Пендаровски подоцна рекол дека станува збор за погрешна интерпретација на одговорот и дека тој сакал да каже дека во овој момент не размислува за втор мандат, зашто сака да го заврши првиот, а оти има време кога ќе размислува дали повторно ќе се кандидира за шеф на државата
Пендаровски првпат беше кандидат за претседател на државата во 2014 година, како кандидат предложен од коалицијата предводена од СДСМ, но не успеа да го победи тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Во 2019 година вторпат беше кандидат на претседателски избори, како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и десетици други политички партии и го победи кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова.
