Стерјовски вели дека Бугарија агресивно сака да ги асимилира Македонците во Албанија, а државата молчи за да не добие вето
Македонците во Албанија во последните години се соочуваат со агресивна политика од страна на Бугарија за нивна асимилација, вели претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стeрјовски.
Тој гостувајќи во емисијата „Конак“ на телевизија СОТ7 зборуваше за напорите на Бугарија за асимилирање на Македонците во Албанија.
„Оваa бугарска политика на терен последните години се одвива со молчење на Албанија, во повеќе наврати и со нејзина помош, сè со цел, Албанија да не биде попречена од страна на Бугарија за да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ“, рече Стерјовски.
Посочи дека така било и со признавањето на непостоечкото бугарско малцинство во 2017 година, без исполнување на ниту еден критериум за постоење на едно малцинство, кога „Албанија во последен момент потклекна пред заканите на Бугарија со вето за започнување на преговорите за членство во ЕУ“.
Македонската заедница во Албанија, додаде Стерјовски, нема никаква врска со Бугарија во однос на јазикот, традициите, обичаите и песните.
Инаку, Бугарија повтори дека останува на политиката на вето. Таа засега нема да дозволи Македонија да ги почне преговорите со Европската Унија (ЕУ).
