Стереотипите и предрасудите се присутни во државните институции
Фактор: Овој месец преплавени сте со активности, веројатно затоа што декември е месец на лицата со нивалидност. Имавте засилени активности, дали е ова обид за свртување на вниманието за да не се заборават лицата со инвалидност, на кои се сеќаваме само еднаш во годината?

Фактор: Институт за дефектологија при Филозофски факултет од Скопје како дел од активностите по повод одбележувањето на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со инвалидност организираше голема работилница за изработка на новогодишни честитки. Колку сте задоволни од акцијата?
Станојковска-Трајковска: Годинава се одлучивме покрај официјалното одбележување со тркалезна маса да направиме и работилница на која ќе бидат на едно место децата со посебни потреби и децата со типичен развој, нивните родители, студентите од Филозофски факултет, бројни невладини организации и институции кои се наши соработници. Работевме под мотото „Даруваме од срце“. Тргнавме од идејата да ги изработиме новогодишните честитки за потребите на Филозофски факултет, а со тоа да докажеме дека факултетот се грижи за децата со попреченост. Идејата ја поддржа и Амбасадата на Република Бугарија, па и оваа амбасада годинава празниците ги честита со рачно изработените честитки од децата и студентите. Дефектолозите како персонална карактеристика неминовно поседуваат емпатичност, па решивме сите останати честитки да ги продаваме, а средствата да бидат наменети за нашите пријатели од Завод за рехабилитација на деца и младинци Скопје. Изработивме над 700 честитки, а за младинците од заводот вклучени во пилот проектот „Мој дом“ ќе придонесеме да го облагородат просторот во кој ќе живеат. Се работи за втора станбена единица која се подготвува за самостојно живеење со поддршка за група штитеници од заводот. И оваа институција е наставна база на Институт за дефектологија. Конкретно, со младинците и јас лично растев и се оформував како личност, но и како професионалец уште од студентските денови, па сакав да придонесам за нивната радост и среќа. Покрај студентите од Институт за дефектологија, беа вклучени и студентите од другите институти, ученици од основно и средно редовно и посебно образование (ПОУ „Иднина“, ПОУ „Златан Сремец“, ДУЦОР „Партенија Зографски“, Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Државно средно училиште за образование и рехабилитација „Св. Наум Охридски“, ООУ “Кочо Рацин“ Куманово, ПСУ „Јахја Кемал“, NOVA и Завод за рехабилитација на деца и младинци Скопје), како и повеќе невладини организации со кои соработуваме и се грижат за децата со посебни потреби (младинска група на Хелсиншки комитет за човекови права, Монтесори центар, ЗПЈС Перспектива Астерикс, Здружение Во Мојот свет, DOWN syndrome центар Македонија). Работилницата ја организиравме на фрекфентно место, во Skopje City Mall. Сакавме да покажеме колку сме креативни, дека може да ни биде многу пријатно на инклузивна забава, но и да покажеме дека доколку му дадеме шанса секое може да придонесе за насмевка и радост на своето другарче. Како дел од настанот беше продажната изложба за рачно изработен накит на Елизабета Петковска, настапот на младата поетеса Марија Миноска, Музичко-едукативен центар ЕНСО, раководен од проф. Бранко Вељановски, како и нашите ѕвездички Мартија Станојковиќ и Антонија Гиговска. На наше задоволство настанот го поддржаа и One Vip и Pertini toys и така спакуван во целост постигна позитивен фидбек.Тоа претставува и дополнителна мотивација, но и обврска за следната година да размислуваме за активност од ваков тип. Значајно место во градењето на јавната свест играат и јавните личности. Кога зборувам за јавни личности зборувам за сите луѓе кои значат нешто во општеството и се гласни во искажувањето на своите ставови. На Институт за дефектологија минатиот месец беше одбранета дипломска работа на тема „Став на јавните личности за лицата со попреченост“ на кандидатот Емилија Розман. На одбраната заклучивме дека јавните личности не се доволно вклучени иако секој од нас може повремено или трајно да се стекне со инвалидност и во текот на животот. Секој од нас има пријател, роднина, сосед или колега со инвалидност. Јавните личности ја имаат моќта на убедување, па така без разлика дали се работи за новинари, професори, уметници, спортисти, секој може да даде свој мал придонес. Новинарите ги споменав на почетокот затоа што медиумите се пресудни во борбата за подобрувањето на местото на лицата со инвалидност во општетството.
Мора да станеме свесни сите заедно дека лицата со инвалидност не се лица од втор ред.
Фактор: Се чини дека ниту невладините кампањи ниту трибините и дебатите ниту личните барања од засегнатите не се доволни за да маргинилизираните групи сè уште се борат за свое место во општеството. Зошто, стереотипите и дискриминацијата се сè уште присутни во земјава?
Станојковска-Трајковска: Луѓето се плашат од непознатото. Ова го зборувам за непознато во сите сфери на живеењето. Ако до 2 000 година се работеше на институционално згрижување и јакнење на таквиот тип на заштита и рехабилитација, од тогаш наваму се погласно се зборува за вонинституционалната заштита и животот во заедница. Само доколку средината е подготвена ќе ги пречека лицата со инвалиднст во своето соседство во станбена единица за живеење со поддршка. Доколку се запознаени семејствата ќе се одлучат да згрижат дете со попреченост и својата љубов и топлината на домот ќе ја делат со вакво дете. Со кампањите се придонесува и локалните самоуправи да ги вклучуваат во своите активности лицата со инвалидност. Со процесот на децентрализација значајна улога за грижа за своите сограѓани ќе има токму локалната самоуправа. Самите млади со попреченост покажуваат дека можат да бидат успешни на полето на спортот, културата и уметноста. На крајот доколку се зборува гласно, работодавците ќе бидат информирани дека лицата со инвалидност можат да бидат вредни и лојални работници. Токму затоа сме гласни во заложбата погледот да биде свртен кон можностите, а не кон попреченоста. И Институтот за дефектологија годинава имаше прилика да даде свој придонес во медиумското информирање преку заеднички активности со Хелсиншки комитет за човекови права. На идеја на студенти од Институт за дефектологија снимивме спот со кој покажуваме дека младите со и без попреченост можат да другаруваат и им е убаво да делат исти активности и ист простор. Токму таква беше и пораката, идните специјални едукатори и рехабилитатори ги прифаќаат младите со попреченост и треба сите да им дадат шанса. Во рамки на истиот проект, поддржан со Амбасадата на Велика Британија изработивме и видео приказ со кој ги истакнуваме проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и комбинирани пречки во нашето општество. И овој видео приказ е веќе раширен на медиумите и социјалните мрежи. Годинава светскиот ден за толеранција, Хелсиншки комитет за човекови права со долга листа невладини организации кои го поддржаа маршот на толеранција, го посвети на толеранцијата за лицата со инвалидност. И ние како институт се приклучивме и ја искажавме нашата заложба за подобрувањето на местото во општеството на оваа категорија луѓе. Деновиве сме дел од акцијата за исполнување на новогодишните желби на децата на болничко лекување на Клиниката за онкологија и Клиниката за детски болести. Посебно сум горда на проактивноста на нашите студенти. И оваа идеја произлезе од нив. Ние сме отворени за нивнните идеи. Младите луѓе се многу креативни и инвентивни, само треба да ги подржиме. Јас ги охрабрувам да ги споделат со нас и да побараат поддршка, па сите заедно ќе изнаоѓаме начини за нивна реализација.

Фактор: Нели е поразително што стереотипите сеуште ги има особено во државните институции?
Станојковска-Трајковска: Морам да признам дека стереотипите и предрасудите се присутни во државните институции. Анти стигма кампањите мора да бидат присутни и во државните институции. Мора да станеме свесни сите заедно дека лицата со инвалидност не се лица од втор ред. Доколку им овозможиме подеднакви услови за образование и вработување тие можат да одговорат на нив. Тука значајна улога играат и семејствата на самите лица, па мора државата да даде поголем поддршка на семејствата за да од најрано детство имаат позитивна мотивација и да ги охрабруваат за постигнување што повисоки резултати.
Фактор: Кај нас многу малку институции ги имаат прилагодено условите за потребите на лицата со инвалидски колички, тие се соочуваат со проблеми и во образованието и посетувањето настава, барањето работа?
Станојковска-Трајковска: За жал сеуште институциите не се подготвени да ги примат лицата со инвалидност. Сеуште институциите не се доволно ниту пристапни, ниту достапни за лицата со инвалидност. Сеуште може да кажеме дека некаде и физичката пристапност е проблем. Па и таму каде влезот е пристапен внатрешноста не може да ги прими лицата со телесна инвалидост. Достапноста на информациите за лицата со оштетен вид или можноста за користење толкувач на знаковен јазик за лицата со оштетен слух е повторно проблем. Материјали кои се во лесно разбирлив формат за лицата со интелектуална попреченост сеуште не се достапни. Се надевам дека ќе се надминуваат ваквите стереотипи и предрасуди па своето место ќе го наоѓаат младите со високо образование и во државните институции. Невладините организации се бореа за воведување квотен систем за вработување, што не успејаа да го реализираат, но самите лица со инвалидност сепак успеваат да ги убедат институциите и започнуваат да докажуваат дека не само дека се вредни работници, туку можат да дадат свој придонес во креирање политики за да можат да им го олеснат патот на новите генерации.

Фактор: Сепак најгорчлив проблем за оваа категорија граѓани останаа финансиите?
Станојковска-Трајковска: За сите категории наши сограѓани проблем се финансиите. И за лицата со инвалидност и нивните семејства финансиите се голем проблем. За жал многу од лицата со инвалидност живеат на работ на егзистенцијата. Мали се сумите кои по различна основа може да ги остварат од областа на социјална заштита. Биолошките семејства немаат финансиска поддршка иако едно лице со инвалидност, особено ако сканува збор за потешко засегање, значи дека цело едно семејство мора да се прилагоди на тој член од семејството. Многу често мора барем еден член од семејството да биде на 24 часовно располагање на лицето со инвалидост. За жал листата на баратели на работа од групата на лица со инвалидост е најбројна кај лицата без или со основно образование. Малата мотивација и неатрактивното средно образование придонесуваат лицата со инвалидност да бидат подготвени за пазарот на труд на работни места кои сами по себе не нудат висока парична надохнада. Мора да се поработи на професионалната рехабилитација, работното оспособување, мотивирањето на лицата со инвалидност за образование. Друга потешкотија е исклучувањето на една со друга на услугите од областа на здравствената заштита, или врзуважето на услугите од областа на здравствената заштита со возраста на самото лице. Најави за измени на оваа поле има, останува да ги следиме промените и да се надеваме на подобрување на стандардот и квалитетот на живот на лицата со инвалидност. Со финансиите се поврзани и сите процеси кои во Република Македонија ги водат големите меѓународни организации. Така и најчесто со завршувањето на проектот замираат и надежите за нивно преминување во процеси. Од годинава голем број од процесите се вклучуваат во стратегиите од различна област, па тоа ми дава надеж дека државните институции навистина се грижат за одржливоста на проектите и процесите. Невладините организации и големите меѓународни организации се вклучени и во креирањето на политиките, па искрено се надевам дека Република Макдонија е на вистински пат во остварувањето на правата на лицата со инвалидност. Ова несомнено е и наша обврска како потписници на бројни меѓународни документи, а пред се Декларацијата за правата на лицата со попреченост. Само кога имаме вработено лице со инвалидност може да зборуваме за успешен систем за рехабилитација.
Треба да се работи на подобрување на многу нивоа, мора да размислуваме многу подалеку.
Фактор: Државните институции немаат соодветен пристап на пример за луѓето со инвалидски колички, многу малку се тие институции коишто се прилагодени на луѓето со инвалидски колички?
Станојковска-Трајковска: Во нашето „инклузивно општество“ зборуваме за инклузивно образование за децата со посебни образовни потреби и нивно опфаќање со предучилишните уснанови, а не ги исполнуваме најниските критериуми. Многу од институциите се непристапни за телесните инвалиди. Дури и онаму каде е овозможен пристап внатрешноста не е прилагодена за телесните инвалиди. Онаму каде што имаме повеќекатни објекти многу често немаат лифт, а да не зборувам дека тоалетите за лица со инвалидност се тема која ја оставаме за некоја следна фаза и сеуште не се зборува доволно гласно. Имаме објекти кои немаат обезбедени паркинг места за лицата со инвалидност, а ниската свест кај населението многу често се докажува со тоа што или несовесно ги користат обележаните паркинг места или свесно или несвесно ги узурпираат премините и пристапите за објектите. Овде чувствувам потреба да ги споменам и лицата со оштетен вид на кои им е исклучително тешко да се движат и низ градот, но и низ институциите. Немаме прилагодени патеки, немаме обележување на брајово писмо, звучна сигнализација, прилагодени сајтови за информирање на слепите и слабовиди лица и литература на брајово писмо. Нова приказна се лицата со оштетен слух за кои се обезбедени малку часови толкување на знаковен јазик, а многу често и не можат да го остварат оваа право. Треба да се работи на подобрување на многу нивоа, мора да размислуваме многу подалеку. Треба да се развива свеста и кај архитектите и кај стручните работници од сите профили, но и кај населението, за да можеме да зборуваме за свест за надминување на бариерите за лицата со инвалидност.
Фактор: Проблемот на лицата со физичка и ментална попреченост не запираат. Години наназад нивните потреби се исти, поголема здравствена заштита, финанскиска помош, еднакви права во општеството, можност за работа како и регистар за на лицата со инвалидност. Како да ја подобриме состојбата?
Станојковска-Трајковска: Тука и јас го пронаоѓам почетокот на проблемите, но и клучот за многу решенија. Несомнено вмрежувањето на институциите и протокот на информации од детекцијата и процената па понатаму во текот на целиот живот, само по себе значи дека ќе може и подобро да се организира системот на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување. Регистрите се добра основа за изработка на стратегиите од сите области. За изработка на стратегии кои најчесто се со подолга временска рамка мора да се операционализира со прецизни бројки. Низ различни истражувања најчесто се среќаваат различни бројки за иста категорија луѓи. Сеуште имаме деца кај кои губиме значаен период од развојот затоа што мора системите да се надградуваат и вмрежуваат за да знаеме каде точно и дете со кој вид и степен на попреченост живее без третман, а неговото семејство без потребната грижа и поддршка. Ресурсите треба да се планираат врз основа на потребите. Секогаш мора да тргнеме со прецизна аналитика за да креираме политика.
Фактор: Колку е потребно специјалните едукатори и рехабилитатори да бидат дел од редовната настава во основното и во средното образование во земјава?
Станојковска-Трајковска: Ако лицата со инвалидност велат „Ништо за нас без нас“ јас би кажала ништо за лицата со инвалидност не треба да се одвива без оние кои своето високо образование решиле да го посветат на оваа категорија луѓе. Би кажала дека пред се во креирањето на политиките треба да бидат вклучени експертите од Институт за дефектологија. Своето експертиза и компетенциите можеме да ги понудиме за изработка на стратегиите и националните законски и подзаконски акти. Ова е од обостран интерес, да се гарантира квалитет на актите, но од друга страна сите новини и потребите за остварување на политиките да бидат инплементирани во корикулумот и секоја нова генерација да излегува со компетенции и подготвена да одговори на потребите во пракса. И искуствата од другите држави со долгогодишна инклузивна пракса, но и состојбата во Република Македонија на терен, ги препознаа дефектолозите како значајни чинители во инклузивниот процес. Треба да се издиференцираат обврските на дефектолозите од стручниот тим, обврските и компетенциите на образовниот асистент, но стратегијата за образование што е во фаза на подготовка ги предвидува специјалните едукатори и рехабилитатори како дел од инклузивниот процес. Институт за дефетологија и во овој процес може да одигра значајна улога и во обучување на наставниците кои работат во инклузивна училница, без разлика дали во предучилишно, основно или средно образование.
Фактор: Кои се вашите визии за развојот на Инстиутот за дефектологија, во контекст на продлабочување на соработката со институциите во земјава и надвор од границите на Македонија, се со цел подобрување на состојбата на лицата со инвалидитет?
Станојковска-Трајковска: Секоја нова програма на Институт за дефектологија излегува со новини кои значат следење на современите трендови на полето на специјалната едукација и рехабилитација. Континуираната доедукација и надградување важи и за нас. Се трудиме и ние да бидеме дел од лиценцирани обуки за да може да им пондиме квалитет на нашите студенти. За среќа нашата студиска програма е така концепирана, што сите вежби се практични. Имаме соработка со многу институции и организации во Скопје, но и низ Македонија, па заедно со нашите стручни соработици и колегите од пракса се трудиме да ги подготвиме нашите студенти да се носат со сите предизвици на пазарот на трудот. Обуките за вработените во образовните и установите од областа на социјална заштита се наш нов предизвик. Институтот за дефектологија наскоро ќе понуди обуки за инклузивно образование и работа со ученици со различни видови на посебни потреби.Институциите на системот и семејствата на лицата со попреченост од нас очекуваат да дадеме свој придонес во едукацијата по завршување на иницијалното образование на многуте профили кои се сретнуваат со деца со посебни образовни процеси и лицата со инвалидност воопшто. Свој придонес треба да дадме и во инклузивниот високообразовен процес. Филозофскиот факултет континуирано се заложува за задоволувањето на потребите на студентите со инвалидност. Во изминатиот период, комисијата за информатички и комуникациски технологии учествуваше во креирањето на посебен фонт за лицата со дислексија кој би го олеснил процесот на читање. Овој фонт го носи името Dyslexie fzf и наското ќе биде достапен за сите лица со дислексија. Веб страната на филозофскиот факултет ќе биде изработена во пристапни формати за лицата со специфични тешкотии во читањето. Идните активности кои ќе ги преземе филозофскиот факултет ќе бидат во насока на овозможување пристап до електронските содржини за лицата со оштетен вид и отворање на канцеларија за поддршка на студентите со инвалидност на УКИМ.Поддршката од страна на Деканот на Филозофски факултет, проф. д-р Ратко Дуев, и Ректорот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, ја имаме па се надевам дека наскоро ќе имаме и видливи резултати. Сепак не можеме да кажеме дека тука е крајот и дека сме ја завршиле нашата мисија. Тргнувајќи од примерот на плодна соработка со Министерството за образование и наука и реализацијата на кампањата за вработување на специјални едукатори и рехабилитатори, се надеваме на резултати и во соработката и со другите ресорни министерства, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и нивно максимално заложување за вработување на специјалните едукатори и рехабилитатори и регулирање на нивниот статус во здравствените установи, предучилишни установи, центри за социјална работа итн. Годинава, како општа тема н тркалезната маса по повод одбележување на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, ја превземавме официјалната тема од Организацјата на Обединетите нации. Разговаравме на тема „Трансформација кон одржливо и флексибилно општество“, со особен фокус на трансформација на посебните училишта и заводите, како и институциите од областа на социјална заштита. На наше задоволство дел од тркалезната маса беа министерките, г-ѓа Мила Царовска од Министерството за труд и социјална политика и проф. д-р Рената Дескоска од Министерсвото за образование и наука, претставници на УНИЦЕФ, УНДП, ЕУ делегацијата, сите релевантни институции и институциите кои треба да претрпат трансформации. Заложбите се во насока институциите да се трансформираат во ресурсни центри и да се прошири нивната дејност, а со тоа да одиграат значајна улога во инклузивниот образовен процес. Сите посебни институции нудат ресурси и кадар кој е неопходен за инклузивниот образовен систем да го има посакуваниот ефект. Следната година Институт за дефектологија одбележува 25 години од својата дејност. По тој повод во септември ќе се одржи голема меѓународна научна конференција со истата тема. Се надевам дека до тогаш сите заедно ќе може да се пофалиме со првични резултати од трансформацијата на системот на образование и социјална заштита, ќе покажеме прелиминарни одржливи резултати и нови можности за флексибилно општество конструирано и за потребите на лицата со инвалидност. Секако како институт и во меѓувреме сме на располагање за анализи и изнаоѓање решенија, но и за кревање на јавната свест. Науката не дава придонес само во мапирање на состојите и креирање на политиките, туку игра значајна улога во креирањето на јавната свест.
Р.Ф
