Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стефан Богоев си оди дома – судот му ја прифати гаранцијата

Стефан Богоев си оди дома – судот му ја прифати гаранцијата

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба со понудена гаранција на осомничениот ексдиректор на Царинската управа Стефан Богоев, донесе решение со кое ја уважи жалбата и ја прифати понудената гаранција.

Определената гаранција се состои од готови средства во износ од 55.000 евра, во денарска противвредност во корист на Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката, соопшти судот.

Дополнително за обвинетиот се определуваат и мерки на претпазливост согласно член 146 ст.1 т.3 од Законот за кривична постапка (ЗКП) односно привремено одземање на пасошот и забрана за преминување на државната граница. Ако осомничениот не се придржува на определената мерка на претпазливост, судот може да определи други построги мерки за обезбедување присуство.

Постапувајќи по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 4 јуни донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица – директор и помошник директор на Царинската управа, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект. На осомничените им се ставаат на товар кривичните дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание, извршени во периодот од јули 2023 до март 2024 година.

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Стефан Богоев, тогаш во својство на службено лице директор на Царинската управа, С. М. во својство на службено лице – помошник директор во Царинската управа, Д. Г. во својство на овластено лице во фирма, А. С. во својство на вработено лице во правното лице и против една фирма, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, од член 275-в од КЗ на РСМ, Примање поткупод чл.357 од КЗ на РСМ, Давање поткуп од чл.358 од КЗ на РСМ и Примање награда за противзаконито постапување од чл.359 од КЗ на РСМ.

Слично

Поврзани вести