Стефан Богоев: Само во партијата е разговарано да бидам директор на Царина
Стефан Богоев, градоначалникот на Карпош, вели дека засега само на партиско ниво во СДСМ е разговарано за опцијата да биде назначен за директор на Царинската управа кога ќе заврши неговиот мандат.
„Директор на Царина назначува Владата и тоа е во ингеренција на централната власт, јас сум локална и не можам да прејудицирам одлуки на Владата. Внатре во партијата сме разговарале за ваква опција, само тоа можам да го потврдам“, рече Богоев денеска пред новинарите, кои побараа од него да ја потврди веста.
Наместо Богоев, СДСМ го одреди Душко Весковски, актуелниот директо на ЈШ Водовод и канализација - Скопје, да биде кандидат за градоначалник на Карпош на локалните избори на 17 октомври.
Местото директор на Царинската управа остана испразнето откако Горан Сугарески си даде оставка за да биде кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Прилеп.
