Ставрески тврди – Македонија се уште е ниско задолжена земја
Долгот на Македонија во моментов изнесува 34,3 % од БДП и е 4-ти најнизок во Европа, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, откако Фактор денеска објави дека државниот долг достигна 2,7 милијарди евра, што е највисоко ниво од 2005 година.
Во изјава за Сител, Ставрески додава дека во 2005 државниот долг изнесувал 38,4% од БДП, што е за 4 процентни поени повисоко од сегашното ниво. Лани Македонија исплатила 256 милиони евра кон странство, што придонесувало земјава да остане во групата ниско задолжени.
„Во наредниот период дефицитот ќе се намалува, што ќе доведе до одржување на задолженоста на ниско ниво“, најави првиот финансисер, според кого исто колку што е важно колкав е долгот, значајно е и што се постигнало со парите од земените кредити.
„Регионалните и локални патишта кои ги реализиравме исто така помогнаа да се поврзат многу рурални средини со градските средини или, пак, да се реновираат некои регионални патишта низ Република Македонија, а секако, круна на тоа ќе биде изградбата на новите автопати од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид како прв сегмент во изградбата на нови автопати во Република Македонија. Се работи за комплетни, добри проекти коишто се неопходни за да се подобри животот на граѓаните во Република Македонија“, истакна Ставрески.
Фактор денеска ги објави најновите податоци на Министерството за финансии, според кои заклучно со декември, дома и кон странство државата должи 2,7 милијарди евра. Што откриваат овие податоци, прочитајте повеќе на следниот линк:
ДОЛГ ОД 2,7 МИЛИЈАРДИ ЕВРА: Највисоко ниво од 2005 та година !
Слично
