СТАВОТ НА ЗАКАРИЈАШ НЕ Е СТАВ НА ЛИСАБОН - нашата Влада бара оние во ЕУ кои не ги знаат приликите, да се воздржат од квалификации
Владата добила уверување дека изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш, дека „северномакедонскиот јазик бил дел од бугарскиот јазик“,не го отсликува ставот на Лисабон, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
Изјавата на Закаријаш, Димитров ја оцени како „прилично несреќна“ и истакна дека тој и министерот Османи оствариле контакти со претставници на Португалија и изразиле вербален протест.
„Добивме уверување дека изјавата апсолутно не го отсликува ставот на Лисабон, кој останува на линија на португалскиот предлог и беше изразено жалење. Во дипломатската комуникација важно е јасно да си го изразите ставот, да изразите негодување и протест. Сето тоа е направено неколкукратно во текот на вчерашниот ден“, рече Димитров.
Владата денеска порача до претставниците на земјите кои се вклучени во процесот и кои не ги познаваат целосно и добро приликите во С. Македонија и Бугарија, да се воздржат од какви било квалификации или објаснувања на процеси поврзани со нашите национални прашања., се вели во писмената изјава на Владата.
