Стави ли точка Ахмети на етничките барања или само се фали пред гласачите
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е дециден дека Албанците се далеку од дискриминирани во земјава. Според него, во Македонија можеби постои неправда во некој судски процес, но нема дискирминација врз Албанците.
Во интервју за „Kosovapress“ Ахмети набројува бројни аргументи за ова свое тврдење, иако за него, се уште има некои отворени прашања.
„Еден народ кој го има своето национално знаме, еден народ кој има три универзитети на својот јазик, два државни и еден приватен, не може да се рече дека е дискирминиран, не може да се рече за еден народ кој темелите на градење на една држава ги има во просториите каде што живее, јазик, знаме, универзитети, државна администрација, полиција, војска. Има уште работи кои треба да се поправат, уште не се затворени сите прашања, на пример за правичната застапеност, практичната употреба на јазикот и други. Денеска тргнуваме со првите чекори, но треба да видиме колку сме подготвени сите овие работи што сме ги добиле со многу труд да ги применуваме“, рекол Ахмети.
На изборите на 12 април помалата владејачка партија ДУИ ќе оди сама. Ахмети нагласил дека очекува зголемување на поддршката од граѓаните. Смета дека малите партии треба да се обединат за да не се губат албанските гласови. Во интервјуто, Ахмети изјавил дека мандатот на идната влада нема да биде лесен, бидејќи ќе треба да се зголеми квалитетот во образованието, здравството и судството. Во однос за односите со СДСМ, објаснил дека соработката со нив ќе продолжи до 12 април, иако постојат неколку разлики.
