Економија, финансии, бизнис

Контакт

СТАТИСТИКИТЕ ГИ ОТКРИВААТ НАВИКИТЕ: Колку мед, а колку чипс консумираат домаќинствата годишно?

СТАТИСТИКИТЕ ГИ ОТКРИВААТ НАВИКИТЕ: Колку мед, а колку чипс консумираат домаќинствата годишно?

Ако ги споредиме податоците за тоа колку мед и колку чипс годишно јадат македонските домаќинства денес во однос на минатото, ќе увидиме дека количините на мед варираат од 1.6 до 3.6 килограми, но консумацијата на чипс е зголемена за три или четирипати.

Стручните лица велат дека во однос на храната луѓето треба да бидат умерени и да го консумираат она што нивната здравствена состојба го дозволува.

„Зависно за која категорија на луѓе зборуваме, некој смее да јаде мед, некој не, зависи од здравствената состојба, а за деца дефинитивно го препорачуваме, додека за лицата со дијабетес и инсулинска резистенција, тие медот можат да го јадат ако е добро искомбиниран со други намирници, да има диетални влакна, масти, протеини, за да се успори апсорпцијата на шеќерот. Чипсот повремено може да се консумира, не треба да сме „робови“, но сепак да се одберат поздравите опции. Доколку се внесува со другите намирници како што треба, нема проблем да се дозволи повремено и консумирање на пица, но треба тоа да се прави свесно и умерено. Ако се работи за лице со некој здравствен проблем, нормално дека треба да се внимава на храната“, вели нутриционистот Емилија Блажеска – Ангеловска.

Ванчо Кировски, пчелар од Кочани е со став дека луѓето кај нас не се многу едуцирани за медот. Според него, има семејства кои редовно го консумираат, но и други кои не практикуваат да јадат мед.

„Јас мислам дека категоријата на луѓето кои јадат мед е непроменета. Дали ќе консумираат мед зависи од навиките и воспитувањето дома“, рече Кировски.

Во 2024 година македонските домаќинства во просек консумирале по 2.5 килограми мед. Во 2023 година просекот бил 1.6 килограми, додека во 2022 година просекот изнесувал 2.7 килограми по домаќинство. Во 2021 година, според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), македонските домаќинства во просек консумирале по 3.6 килограми мед, во 2020 година 2.9 килограми, во 2019 година просекот бил 2.6 килограми.  Во 2018 година, домаќинствата консумирале по 2.4 килограми мед. Во 2017 година, количината е помала, 2.3 килограми. За споредба во 2005 година, консумираниот мед по домаќинство изнесувал 2.2 килограми.

Ако ги погледнеме статистиките за чипсот, во 2024 година, македонските домаќинства во просек трошеле по 1.8 килограми чипс. Во 2023 година, количината била помала, односно 1.6 килограми. Во 2022 година, исто просекот е 1.6 килограми. Во 2021 година, македонските домаќинства во просек јаделе по 2 килограми чипс. Во 2020 година, просекот изнесувал 1.8 килограми, во 2019 година бил 1.6 килограми, во 2018 година, просекот е 1.4 килограми, во 2017 година домаќинствата во просек консумирале по 1.1 килограм чипс. За споредба, 2004-та е година кога македонските домаќинства консумирале само по 600 грама чипс, а во 2003-та година, само 500 грама. 


Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести