СТАТИСТИКА КОЈА НИ КАЖУВА ЗОШТО ДА СЕ ВАКЦИНИРАМЕ - само 0,02 отсто се заразиле од оние со две дози, ниту еден не починал
Од вкупно 330.320 имунизирани лица во земјава, се заразиле само 96 лица, или 0,02 отсто, 13 од овие случаи завршиле во болница и ниеден не починал, соопшти Министерството за здравство. Од денес почнува и пријавување за вакцинирање во домашни услови.
Граѓаните и без закажан термин се вакцинираат во вакцинални пунктовите. Теренската вакцинација се одвива со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место или населба. Веб-страницата „vakcinacija.mk” е отворена за закажување на термини за вакцинација на децата. Во спортските сали низ градовите граѓаните се ревакцинираат. Вкупно се дадени 818.295 дози вакцини, а ревакцинирани се 330.320 граѓани. Со последните бројки од завчера, барем една доза вакцина примиле 62 отсто од населението повозрасно од 70 години, 59 проценти од тие над 65 години, 55 отсто од сите постари од 60 години и 45 отсто од тие над 50 години.
Само со масовното вакцинирање ќе успееме да го победиме вирусот, велат од Министерството. Oд денес почнува и пријавување за вакцинирање во домашни услови за болни и изнемоштени лица. Закажувањето е преку директно јавување во здравствените домови, а може да се направи и директно со пријавување на пунктовите за вакцинација.
