Стартуваат измените за јавните набавки за да се спречат злоупотреби
Целокупната јавност од следниот месец ќе има можност да ги прегледа сите договори за извршени јавни набавки кои ќе бидат објавувани јавно на интернет страниците на државните тела и органи. Од оваа мерка, Владата очекува сериозна транспарентност, но и сериозна заштеда на трошење на парите на граѓаните во државата, како и навремено откривање на можни злоупотреби.
Директорот на Бирото за јавни набавки Ѓогиевски за МИА истакнува дека објавувањето на договорите за јавни набавки заедно со укинувањето на Советот за јавни набавки се дел од предвидените реформи во системот за јавни набавки што ќе следат и со донесување комплетно нов закон за јавни набавки според европските стандарди.
Потреба од реформи покрај Владата посочуваат и стопанствениците и граѓанскиот сектор, а ќе се спроведуваат со поддршка на ЕУ и СИГМА. Реформите треба да доведат до сериозни промени на сегашниот систем, олеснување на постапките и зголемување на основните приниципи во јавните набавки кои во досегашното решение не постојат. Новиот закон се очекува да биде донесен до октомври следната година.
- Бирото за јавни набавки е во фаза на изработка на нов закон за јавни набавки кој ја враќа Македонија на патот кон ЕУ. Се земаат предвид ЕУ регулативите од 2014 година,. Ќе се слушнат сите мислења од стручната и пошироката јавност за да не се донесеме како во 2013 гоидина избрзан закон и со честите измени да се дојде до правна несигурност на договорните органи и економските оператори. Целта ни е да добиеме современ закон што ќе ги имплементира досегашните позитивни искуства, но и да ги искорениме негативните ефекти кои се видливи - истакнува Ѓорѓиевски.
Новиот закон се очекува најрано да биде донесен во октомври 2018 година, а стручната и пошироката јавност ќе има доволно време за коментари и предлози.
Преку јавните набавки годишно се троши една третина од буџетот и затоа вклучените страни сметаат дека сериозно треба да се вложи напор во барањето механизми за спречување на корупцијата и злоупотребите на парите.
Како дел од реформите претходно беше укинат Советот за јавни набавки бидејќи во пракса се покажало дека тоа што овој институт не ги дал очекуваните придобивки за олеснување на постапката за јавните набавки, туку бил кочничар преку кој се одолговлекувале постапките.
