Стартува авиолинијата Варшава - Скопје , ќе може да се лета шест пати неделно
Скопје и Варшава од 1 јуни ќе бидат поврзани со директна авионска линија, објавија денеска ТАВ Македонија и ЛОТ Полиш ерлајнс.
Летови ќе има шест пати неделно, освен во недела, со модерни Ембраер воздухоплови. Билетите се веќе во продажба, преку Контакт-центарот на LOT, на интернет страницата www.lot.com, и кај продажните агенти.
Директорот на корпоративни комуникации и портпарол на LOT, Адриан Кубицки, изјави дека Скопје е комплетно нова дестинација во понудата на авиокомпанијата.
Од ТАВ Македонија очекуваме оваа авионска линија да се покаже како многу успешна.
Ембраерите на LOT секој понеделник, среда и петок ќе полетуваат од Аеродромот „Шопен“ во Варшава во 10:35 часот за да пристигнат во Македонија во 12:40 часот. Патниците на летот од Скопје за Варшава ќе заминуваат во 13:20 часот. Секој вторник, четврток и сабота летот од Варшава е закажан да полета во 14:25 часот, а да слета во Скопје во 16:30 часот. Поаѓањето од Скопје е планирано да биде во 17:10 часот, а пристигнувањето во Варшава е во 19:15 часот.
