Станот од 50 квадрати го заменија со куќа на село: Ивана и Мики од Куманово создадоа свој рај во Старо Нагоричане – имаат своја градина и чуваат животни
Некои животни одлуки не се мерат со квадрати, адреси или удобности, туку со мирот што го чувствуваме кога конечно ќе го пронајдеме своето место под сонцето. Додека многумина сонуваат за живот во градската врева, Ивана и Мики Бојковски го направија токму спротивното – го напуштија станот од 50 квадрати во Куманово и ја претворија старата семејна викендичка во топол дом, сместен во прегратките на природата, во селото Старо Нагоричане, кое се наоѓа на 17 километри од Куманово.
Денес, заедно со нивните две деца, Николија (11) и Алексеј (6), живеат живот исполнет со мирни утра, детска смеа во дворот, прошетки низ природата и моменти кои не можат да се купат. Наместо бетон и градски метеж, тие избраа простор, тишина и слобода. Наместо брзање – време еден за друг, објавува Женски магазин....

За нив, преселбата на село не била откажување од нешто, туку добивање на сè што отсекогаш го посакувале – поблиско семејство, поздраво секојдневие и живот во склад со природата. Во ова интервју, Ивана искрено раскажува како изгледа нивното секојдневие, што им донела оваа голема промена и зошто верува дека најубавите животни приказни понекогаш започнуваат токму таму каде што завршува градската врева.
Ивана по струка е маркетинг-менаџер. Работи како Зумба инструктор, а веќе 11 години е дел од онлајн бизнис. Со сопругот Мики во брак се скоро 12 години.
„Нашето вистинско семејно зближување започна кога се преселивме на село. Оттогаш секојдневието ни е исполнето со заеднички активности, разговори, игри и прошетки во природа. По живот во стан од 50 квадратни метри во центарот на градот, денес уживаме во простор, мир и слобода. Не сметаме дека животот на село е жртва – напротив, за нас тоа е привилегија. Веруваме дека децата растат во поздрава средина, поблиску до природата и до вистинските животни вредности“, раскажува Ивана за Женски магазин.

Одлуката да го напуштат градот не била донесена преку ноќ, ниту, пак, била резултат на некаков тренд. Таа произлегла од желбата за поквалитетен живот, повеќе простор за семејството и мир што не можеле да го пронајдат меѓу градските улици.
„Се преселивме за да се спасиме од тесниот простор и чувството дека тие 50 квадратни метри и четири ѕида нè гушат. Не бевме затворени, напротив – живеевме во центар, опкружени со луѓе, кафулиња, бучава и постојани случувања. Сè ни беше на дофат, но го немаше она што денес го имаме – мирот.
Поконкретно, овде веќе имавме викендичка каде што често престојуваа моите родители, а и ние секој викенд доаѓавме на прошетка и ручек во природа. Кога дојде време да одлучиме дали ќе инвестираме во поголем стан или ќе ја доградиме куќата на село, без многу размислување ја избравме втората опција. Денес знаеме дека тоа беше една од нашите најдобри одлуки.“

Животот на село кај многумина буди восхит, но и бројни прашања. Најчестите се поврзани со секојдневните обврски, особено кога станува збор за децата и патувањето до училиште. Ивана вели дека околината најчесто ја поддржува нивната одлука, а дилемите што ги имаат луѓето лесно исчезнуваат кога ќе ја слушнат нивната приказна.
„Најчесто луѓето ни велат: „Секоја чест за одлуката, прекрасно ви е тука.“ Често доаѓаат кај нас и заедно уживаме во природата и мирот.
Единствената дилема што ја имаат е дали ни е тешко секојдневно да ги носиме децата на училиште. Но, искрено, не го доживуваме како проблем. Станува збор за околу 15 минути возење, што за нас е мала цена за животот што го живееме. Само тргнуваме малку порано и тоа е сè.
Што се однесува до трошоците за гориво, и тоа го решивме едноставно – станот во центарот го издаваме, па практично ги покрива тие трошоци.“
За атмосферата што ја долови Женски магазин повеќе на овој линк....