Економија, финансии, бизнис

Контакт

СРЕДНОШКОЛЦИ, СТУДЕНТИ, ЛУЃЕ ВО ТРЕТА ДОБA: Расте или се намалува интересот за волонтирање?

СРЕДНОШКОЛЦИ, СТУДЕНТИ, ЛУЃЕ ВО ТРЕТА ДОБA: Расте или се намалува интересот за волонтирање?

Секоја организација во земјава има различно искуство во однос на волонтирањето. Кај некои бројката на волонтери е солидна, а другите имаат потешкотии да најдат волонтери. Дел сметаат дека младите се мотивирани да стекнат нови знаења, контакти, искуство, а други објаснуваат дека одливот на младите на сезонска работа во странство придонесува да нема интерес за волонтирањето. Секоја невладина има различна приказна.

„Во Црвен Крст имаме доволно волонтери. Ние сме во процес на трансформација на организацијата, до 2028 година планираме да стигнеме до 30.000 волонтери. Сега имаме 7.000 волонтери и 11.000 членови. Најголемиот број од волонтерите се ученици од средно училиште,  има и студенти од факултет и во последно време ги имаме и лицата во трета добра. Дефинитивно мислам дека тоа се луѓе кои сакаат да бидат социјално одговорни личности. Задоволни сме, но дека можеме и подобро, секако дека можеме“, вели  Сузана Тунева Пауновска, секретар во Црвениот Крст на Град Скопје.

Од Младински сојуз Крушево се задоволни од одзивот на младите кои сакаат да волонтираат преку летото или во текот на целата година. Велат дека младите се мотивирани и сакаат да бидат активни во заедницата.

„Имаме волонтери. Кога ќе ги споредам генерациски со претходните, младава генерација има повеќе сенс за таа работа. Од каде го влечат тоа не знам, не сме истражувале. Имаме отворен повик за практикантство и ни пишуваат родители што ги стимулираат децата да дојдат, да волонтираат. Во времето на бившата држава Југославија имаше акции, па можеби постарите го пренесуваат тоа искуство на децата, но ова е само мое мислење. Им нудиме прилики за патување. Волонтерската работа не подразбира да има некакви импликации на домашниот буџет на луѓето кои волонтираат, им се плаќа и превозот, им нудиме да учествуваат на различни настани, да отидат  на настани на нашите партнери во државата или во странство и добиваат сертификати коишто можат да им бидат од корист“, рече Методија Стојчески, извршен директор на Младински сојуз Крушево.

Сепак, струмичани велат дека порано имало поголем интерес за волонтирање во нивниот град.

„Се намалува и нема многу интерес за волонтирање. Можеби треба промоција по училишта, за да се запознаат со работата на невладините. Порано имавме ученици волонтери, ама одевме и по школи, имавме секции“, вели Митко Шопов, проект координатор во еколошко друштво „Планетум“ од Струмица.

Зоран Илиески од Коалицијата СЕГА од Прилеп вели дека младите првенствено сакаат да заминат надвор од границите на Македонија и да работат преку летото во туризам и угостителство.

„Од аспект на волонтирањето, рапидно е намален интересот особено поради работа во текот на летото, во Хрватска. Желбата е да заработат наспроти тоа да стекнат искуство и знаење. Интересот е опаднат. Имаме две волонтерски позиции за коишто три месеци не можеме да најдеме лица да волонтираат. Фокусот на младите е да заминат да работат преку лето“, објаснува Зоран Илиески, извршен директот на Коалиција СЕГА од Прилеп.

Од здруженијата велат дека во земјава постојат и семејства кои со генерации волонтираат и се општествено одговорни. Преку програмата за волонтирање на Обединетите нации(ОН) се прибираат податоци на глобално ниво и може да се направи приближна проценка на вкупниот број на волонтери, причините за вклучување во волонтерство и главните форми на волонтирање. Се проценува дека околу 15 отсто од работoспособното население е вклучено во одредена неформална волонтерска активност која не подразбира злоупотреба на трудот или неплатена работа. Повеќе од половина од волонтерите од вкупно над 800 милиони се во Азија и Пацификот, односно над половина милијарда луѓе се ангажирани во волонтерски активности, додека пак во останатите региони застапеноста е помала.

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести