СРЕДБА ЗАЕВ - КУРЦ: Поддршка од Австрија и надеж дека ќе почнеме преговори со ЕУ
Премиерот Зоран Заев денеска во Виена се сретна со Канцеларот на Република Австрија, Себастијан Курц.
Истакнувајќи дека секоја посета на Република Австрија е задоволство, Заев му се заблагодари лично на Курц, но и на Владата на Република Австрија за она што го направиле за Република Северна Македонија, но и за целиот регион на Западен Балкан.
„Сега откако почна да се имплементира договорот од Преспа, се насочуваме целосно кон работа на реформите дома. Постигнатиот договор имаше позитивен импакт врз целиот регион. Со договорот успеавме да покажеме дека со партнерство и дијалог може да се постигне многу“, потенцирашеЗаев на средбата со Курц.
На средбата Заев истакна дека членството на Северна Македонија во Европската Унија е единствениот избор.
„По историскиот договор меѓу нашата земја и Грција, време е да им се посветиме на економските прашања во земјата“, рече Заев и додаде дека оваа година сите напори ги насочуваме кон забрзан раст на економијата.
Средбата, како што истакна Курц, уште еднаш го покажува и го докажува пријателството меѓу двете земји. По успехот со решавање на спорот со Грција, Република Австрија се надева дека годинава Република Северна Македонија ќе ги започне преговорите со Европската Унија, во тој процес, рече Курц, Австрија и натаму ќе и ја дава потребната поддршка на Северна Македонија.
