Средба Спасовски-Бејли: Реформа на безбедносните служби без политички влијанија
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната средба со американскиот амбасадор Џес Бејли разговараа за неопходните реформи на МВР и безбедносните служби кои ќе следат во наредниот период.
Амбасадорот Бејли ги упатил своите честитки по повод изборот на Спасовски за министер за внатрешни работи и изразил уверување дека во текот на мандатот ќе бидат постигнати значајни резултати, кои ќе претставуваат успех за министерството, но и за граѓаните на Република Македонија.
Спасовски се заблагодарил на честитките, но воедно се заблагодарил и за досегашната помош и ангажман на Амбасадата на САД и на амбасадорот Бејли во справувањето со политичката криза во Република Македонија. Спасовски истакнал дека САД се постојани и сигурни партнери на Република Македонија и дека очекува и во иднина да продолжи досегашната соработка во областа на полициските работи.
„Амбасадорот Бејли и министерот Спасовски се согласија дека приоритет на министерството, но и на Владата на Република Македонија ќе биде реформата на безбедносните служби, преку која ќе се овозможи воспоставување на професионална служба која нема да биде под негативни политички влијанија. Исто така, тие истакнаа дека е особено значајно Министерството за внатрешни работи да ги почитува професионалните стандарди и системот на кариера за вработените“, соопштуваат од МВР.
Соговорниците потенцирале дека од особена важност е соработката помеѓу двете земји во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, но и против корупцијата и криминалот.
