СРЕДБА МИЦКОСКИ - ГАШИ НЕМАЛО, БРИФИРА ВМРО-ДПМНЕ - ако сакале да биде тајна, ќе го одбегнеле Собранието
Веста која ја објавија неколку медиуми на Албански јазик во земјава, а која ја пренесе и Фактор, дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имал тајна средба со претседателот на Алтернатива Африм Гаши, не е точна, уверуваат преку брифинг од најголемата опозициска партија.
Всушност, брифингот ВМРО-ДПМНЕ го дале за телевизијата Канал 5, и тоа, како што наведуваат, кредибилен извор од партијата,
„Барајќи сензационалнизам неколку портали објавија дека вчера вечер се одржала “тајна средба” во Собранието на Македонија на која лидерот на најголемата опозициска партија Мицкоски се сретнал со лидерот на Алтернатива, Гаши.
За Канал 5 ТВ кредибилниот извор од ВМРО-ДПМНЕ потврди дека Мицкоски бил во Собрание, што било пракса и до сега, но дека целта не била ваква средба.
Доколку средбата требала да биде “тајна” поради одредени причини, Собранието во центарот на Скопје не е баш место кое може да се третира како идеално “тајно” место за политички средби“, се вели во објавата на Канал 5 телевизија.
А Фактор утрово објави дека претседателот на Алтернатива, Африм Гаши вчера одржал тајна средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во просториите на Собранието. Состанокот се чувал во тајност и далеку од очите на јавноста, јавуваат медиуми на албански јазик во земјава.
