СПРЕЧЕН ОБИД ЗА ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ ШУМСКИ ПОЖАР - шумарските служби најдоа гуми, суви дрва, пластични шишиња
Спречен е обид за подметнување на шумски пожар, соопштува првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој укажа дека шумочуварите на Национални Шуми од подружница Осогово Крива Паланка вчера попладне под Царев Врв на Осоговските планини, на 2000 метри надморска височина пронашле и остраниле триесетина автомобилски гуми и картон подготвени за потпалување и предизвикување пожар.
- Вчера попладне под Царев Врв на Осоговските Планини, на 2000 метри надморска височина, во месноста наречена Алтн врв, место на кое безмалку и да нема движење на луѓе, шумочуварите на Национални Шуми од подружница Осогово Крива Паланка, пронајдоа и отстранија повеќе од триесетина на куп нафрлани автомобилски гуми.
Заедно со нив и картон за потпалување, внатрешни гуми како и суви борови стебла и гранки подготвени за палење и предизвикување пожар на отворен простор.
Доколку не беше спречен овој пожар би се проширил во блиската шума - информира денеска раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на ДЗС, Ангелов.

Тој изрази голема благодарност до шумарската служба на Национални шуми и апелираше до сите граѓани, доколку забележат сомнително однесување кое укажува на намера за предизвикање пожар надвор од населено место како што се гуми, даски, дрвени палети, пластични шишиња или туби со течност која наликува на бензин, итно да се јават на бројот 112 или да пријават во најблиската полициска станица или на било кој припадник на полицијата или друга безбедносна служба.

Фото: ДЗС
