Спортските новинари песимисти дека Вардар брзо ќе закрепне по успехот во Келн
Ракометниот великан Вардар уште еднаш ја покори Европа и играчите се враќаат во Скопје повторно триумфално, иако во атмосферата струи неизвесноста со иднината на клубот, самиот тим и неговите амбиции од следната сезона. Мислењето на спортските новинари е дека на скопскиот гигант му се потребни многу пари но и време за одново да изгради нова екипа.
- Проблемот е што Вардар во овој момент не делува транспарентно и ситуацијата е мошне неизвесна, особено по она фамозно соопштение на претседателот на клубот, Сергеј Самсоненко. На клубот му се потребни барем 5 милиони евра годишно за да им биде конкурентен на најмоќните, а во моментов извесни се само околу еден милион како награди од учеството во Лигата на Шампионите и турнирот Супер-Глоб што претстои. Неизвесно е и кој и како ќе ги управува Вардар. Самсоненко рече дека му е потребна финансиска помош, но ако Михајло Михајловски му помогне, како тие би се согласувале заедно кога и двајцата се алфа-менаџери. Во секој случај, атмосферата нема да биде истата и ќе ја нема онаа добро препознатлива хемија во екипата, особено што веќе е доцна да се бараат добри играчи за следната сезона во ситуација кога поголемиот дел од нив веќе си заминуваат - смета долгогодишниот познавач на состојбите во македонскиот ракомет Ричи Ѓамовски од „g-sport.mk“
Сите се убедени дека нема да има „црно сценарио“ за клубот и дека нема да продолжи да опстојува, но и дека нема за брзо време да се почувствуваат повторно ѕвездените моменти од Келн.
- Клубот ќе опстане, но нема да биде истиот. Околу 80 отсто од играчите си заминуваат, а нема да дојдат нови со соодветен квалитет. Освен тоа, допрва ќе треба да се гради нов костур на тимот. Според тоа, Вардар нема да има конкурентен тим за Лигата на Шампионите. Очекувам силите да ги потпре на играчи од регионот и на млади играчи - тврди Бранко Казаковски од Телма.
Се согласуваат дека со помалку пари во клупскиот буџет нема да може да се повтори ваков успех.
- Во моментов што ќе биде со Вардар знаат само неколку луѓе. Си одат добар дел од играчите, а и допрва ќе има нови најави за заминувања. До сега за ваков резултат беа потребни многу пари, а со помалку може сите да заборават на повторување на ваков учинок. Не се само платите на играчите во прашање. Тука е и базата и стручниот штаб. Практично цела позадина која треба да биде платена. Вардар го гледам како конкурент на Металург на домашна сцена, но не и меѓу најдобрите во Европа следната година. Доигорочно, ќе биде потребно да се најде некој нов Самсоненко - порача Слаѓан Ивковиќ од 1ТВ.
Проблем претставува и тоа што ракометот реално како спорт не ги враќа парите од инвестирањето во него и практично функционира од донации.
- Двоен европски шампион не смее да згасне, тоа е сигурно. Вардар е веќе бренд и со самото име што го направи ќе привлекува помагатели на клубот на страната на Самсоненко. Тимскиот дух секако ќе падне, но за две до три години очекувам консолидирање и повторно да се бори за европскиот трофеј - смета Зоран Поповски од „Спортманија“.
