СПОРТСКИОТ ЦЕНТАР ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ: На 48 позиции во А1 Арена од денеска масовна вакцинација со Спутник V
Околу 4.000 луѓе на ден во просек ќе се вакцинираат вкупно на сите пунктови низ државата, вклучувајќи го пункт за вакцинација во спортскиот
центар „Борис Трајковски“ каде од денеска почнува процесот на имунизација на
вработените во државната инфраструктура кои се најизложени на ризик од корона
вирусот, пред се вработените во АРМ, МВР, судовите, обвинителството, патарините, царина, возачите во јавниот транспорт, како и
медиумските работници. Таму се е подготвено за непречено спроведување на
вакцинацијата која ќе се одвива со руската вакцина Спутник V, и со која за
почеток ќе бидат вакцинирани 20.000 граѓани, дози кои како донација пристигнаа
минатата недела од соседна Србија.
-Според она што сега го гледаме, година дена по почетокот на епидемијата во Македонија, мислам дека сиот овој период не беше толку страшно. Ковид-центрите се полнат, а за починатите да не зборуваме, 140 наши сограѓани починаа за три дена, навистина е премногу. Едвај чекам да ја примам вакцината. Не знам кога ќе бидеме повикани, но се надевам дека тоа ќе биде до крајот на неделава. Како и да е во оваа прва група сме, списоците од кај нас веќе ги испратија, вели Милена Т., која поради природата на нејзината професија е постојано на терен.
Во салата во спортскиот центар во „Борис Трајковски“ поставени се 48 позиции. Тимовите кои ќе ја спорведуваат вакцинацијата се од Здравствен дом-Скопје, здравствени работници кои и имаа повеќегодишно искуство во имунизацијата.
-Уште пред извесен период поминавме обука за вакцинација за вакцините од производителот Фајзер/Бионтек. Тие се малку поспецифични во однос на чувањето, а што се однесува до руската вакцина, Спутник V, таа е онаа класична вакцина која ја знаеме години наназад, односно која се чува на температура од 2 до 8 степени. Треба да се внимава во однос на времето, бидејќи откако ќе се отвори една вијала, од која може да се вакцинираат 10 луѓе, треба да се потроши во рок од два часа. Но, со оглед на фактот што ќе се работи во две смени, и што оваа вакцинација ќе се прави според списоците кои ги испратија од многу институции, вијалите ќе се трошат многу побрзо од два часа. Тоа е најважно, вели за Фактор една од медицинските сестри кои ќе бидат распоредени во „Борис Трајковски“.
Приоцесот на вакцинација во нашава земја продолжува со донацијата од Србија, откако нашите здравствени власти за одреден период, одлучија да не вакцинираат граѓани под 60 години со вакцината на АстраЗенека. 24.000 дози кои Македонија ги доби преку системот Ковакс остануваат за повозрасната популација. Дел од пријавените од најприоритетната категорија граѓани не дојдоа да се вакцинираат, но сепак од Министерството за здравство посочуваат дека заинтересираноста е навистина голема.
Вакцинацијата се одвива на постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите низ државата. Пунктовите работат од 8 до 20 часот секој ден од понеделник до петок. Закажувањето на термин го прави матичниот лекар кој е должен на секој граѓанин да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде се спорведува вакцинација против Ковид 19.
Анита Буховски
