Економија, финансии, бизнис

Контакт

Спорните патишта ќе се градат уште една година, а пари од каде?

Спорните патишта ќе се градат уште една година, а пари од каде?
Владата на Република Македонија постигна согласност за продолжување на предвидениот рок за завршување на изградбата на двата автопата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид кои се проблематизираа по откривањето на повеќе структурни проблеми и грешки во изведбата на проектот. Затоа вчера беше потпишан анекс договор кој предвидува продолжување на рокот до 30 септември идната година.

Потпишувањето на овој анекс договор следува по донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатите Миладиновци - Штип и на Кичево - Охрид, со кој што рокот за завршување на автопатот Миладиновци - Штип наместо до први мај 2017 се продолжува до 30 септември 2018 година.

„Автопатот Миладиновци - Штип согласно претходниот договор требаше да биде завршен до 1 мај 2017 година, но за жал не беше завршен во предвидениот рок. Наша цел е да се заврши оваа делница во легална процедура, Собранието ги донесе неопходните законски измени и дополни, а денес го потпишавме и анекс договорот со кој се продолжува изградбата на делницата Миладиновци - Свети Николе - Штип до 30 септември 2018 година, односно рокот за завршување на работите се пролонгира за 517 дена. Со овој чекор Владата ја покажува својата посветеност за завршување на овој инфраструктурен проект, кој ќе биде од корист за граѓаните и економијата на Република Македонија“, истакнаа вицепремиерот Анѓушев и министерот Сугарески на чинот на потпишување.

Претходно владата и Синохидро постигнаа компромисен договор да не плаќаат пенали за навреме нереализираниот проект, поради промашувања во проектната документација, а беа направени и законски измени. Првично, Синохидро автопатот до Штип требаше да го изгради до мај годинава.

Јавноста и натаму нема конкретни одговори колку ќе чини исправката на направените грешки на изведбата на автопатите, кој ќе понесе одговорност за истите и како ќе бидат обезбедени дополнителните пари кои ќе го обременат македонскиот буџет.
За проблематичните автопати, начинот на кој беа изведени тендерите и избрани компаниите СЈО поведе и случајот наречен „Траекторија“ во кој осомничени се екс премиерот Груевски, како и екс министрите Пешевски и Јанкиевски.
Слично

Поврзани вести