Според Заев, снимките се извадени од контекст
Кога велам во снимките каде што се слуша мојот глас дека невладините организации не можат да се контролираат, тоа го кажувам во позитивен контекст, дека тие се слободарски и демократски настроени, а не дека имам намера да ги контролирам, рече денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев, откако вчера беа објавени негови разговори од 2016 на интернет.
- Разговорите покажуваат дека сум бил уверен дека граѓаните ќе покажат демократско а не режимско владеење. Тоа се покажа и на тие избори, како и подоцна на локалните и претседателските. Укажав дека граѓанските организации се многу поблиски до демократските политички сили. Тоа сум го сметал во тоа време, тоа го докажуваат самите разговори. Јас добро знам дека нема сила што може да ги контролира граѓанските организации и невладините активисти. Јас бев дури во 17 ред кога беа сите маршеви и протести. По мое сфаќање, профилација на карактерот на наши граѓани кои што се граѓански активисти е специфична, а тоа значи слободарска, неконтролирачка и секако апсолутно демократска, гласеше одговорот на Заев денеска на новинарско прашање за негов коментар за аудио-записите.
Дополнително, рече дека разговорот извесниот Чауш кој е Албанец некој го злоупотребил при преводите на албански јазик затоа што тој е Албанец и дека се надева дека пред парламентарните избори нема да се води црна кампања со објавување на вакви снимки од власта и опозицијата.
- Таму слушате моја јасна определба за расчистување со криминалците и криминалот и од тоа не бегам до ден денес. Овие разговори навистина беа афирмативни за нашите политики, заклучува лидерот на најголемата владеачка партија.
